
Општата состојба во однос на бројот на лица со стомачни тегови во Гостивар во моментов е стагнирачка и нема нови хоспитализации. Сите резултатите и анализи за водата ќе бидат објавени. Да не дојде до опуштање во спроведувањето на мерките, бидејќи секогаш кога поминува главниот ризик има опуштање. За мене, надвор од инкубацискиот период, бидејќи знаеме кои вируси и бактерии се присутни, многу поважно е дали граѓаните ќе ја задржат дисциплината, изјави министерот за здравство Сашо Клековски. Тој ги повика граѓаните на Гостивар да не се опуштаат сè додека не завршат интервенциите на водоводниот систем, бидејќи, вели, од понеделникот резултатите се четири чисти места, пет загадени места, така што мерките на претпазливост мора да останат, иако бројките се намалуваат.
Тој рече дека најчесто детектирани се астровирусот и шигелата, како бактерии, но не се идентични резултатите, и поради тоа не можат да се донесе еден генерален заклучок.
– Моето обраќање да се користат службени канали за комуникација беше за да не се создава забуна околу тоа кои се официјалните мерки. Таа не се однесуваше на никој конкретно. Не споменав имиња. Ние имаме Комисија за заразни болести и јас ги следам препораките што ги дава таа комисија. Комисијата е составена од епидемиолози, инфектолози, претставници на ИЈЗ, центрите за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство и други институции. Молбата е да се следат официјалните канали за комуникација, бидејќи мешање на пораките во однос на тоа што треба да се прави неможе да биде добро во овој момент. Ова е за однесување на пациентите, не се однесува на критика на властите. Контролата на исправноста на водата е одговорност на Агенцијата за храна и ветеринарство, а не е одговорност на Министерството за здравство, рече Клековски, одговарајќи на новинарски прашања по работилницата „Зајакнување на управувањетo со боледувањата“, што ја организира Министерството и Фондот за здравствено осигурување со поддршка на Светската здравствена организација.
Тој истакна дека вчера биле побарани и доставени сите анализи што ги извршил Центарот за јавно здравје – Тетово, односно подрачната единица Гостивар, во моментов тие се обработуваат и мора да се направи споредба меѓу локациите од кои се земени примероците и добиените резултати.
Во доставените анализи, потенцира министерот, има и негативни мислења, но мора да се направи споредба на кои локации се однесуваат, бидејќи примероците се земани од повеќе места – и од каптажата и од корисничките места.
– Денеска ќе ги достават и Институтот за јавно здравје нивниот дел од анализите, и ќе имаме соодветна анализа и реакција на тоа. Не е точно дека има позитивни мислења, има и два негативни наоди. Треба да утврдиме дали тие се однесуваат на истите контролни точки, бидејќи примероците се земани на различни локации и тоа мора прецизно да се спореди. Ако на четири места водата ги исполнува условите за употреба, а на едно место не ги исполнува, мора да направиме дополнителни анализи и споредби. Затоа стрпете се. Сите резултати ќе бидат јавно објавени, како и самите анализи. Тоа се јавни документи. Ништо нема да биде сокриено и сè ќе биде јасно. Само стрпете се, за да не создадеме забуна и штета во комуникацијата. Во моментов се доставени сите анализи и чекам уште Институт за јавно здравје и ќе се споредат. Доставени се тие кои се по барање на Агенцијата за храна и ветеринарство, како и тие што се изработени согласно договорот со јавното комунално претпријатие, рече Клековски.
Одговарајќи на новинарско прашање тој истакна дека во овој момент не може да даде конечен одговор за тоа кога гостиварци ќе добијат исправна техничка вода, а потоа и вода за пиење, бидејќи друг го води аспектот.Анализите на водата се прават континуирано, појасни тој и додаде дека „Водовод и канализација“ веќе има оценка на системот за хлорирање, бидејќи дополнителните извори и загадување се останати од претходно. Сега фокусот е ставен на системот за хлорирање и нивната лабораторија паралелно прави проби и проценка.
– Има повеќе примероци што се анализираат на Клиниката за инфективни болести. Јас побарав сите анализи да се прават на две различни места, со различни техники, бидејќи секогаш постои можност некои да не се доволно софистицирани. Опремата што ја поседува Клиниката за инфективни болести е меѓу најсофистицираните во државата и според мене, со највисок степен на доверба во резултатите. Има повеќе позитивни наоди кои упатуваат на фекално загадување, односно присуство на бактерии и кои можат да бидат последица на загадување од атмосферски води. Значи, станува збор за два типа агенси – бактерии и вируси. Едните се типични за фекално загадување на водоводната мрежа, а другите се карактеристични за загадување на каптажата со атмосферски води или за влијание од околината на каптажата, рече Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
Во основа, посочи министерот, веќе има доволно анализи за тоа каков тип бактерии и каков тип вируси се присутни.
– Во моментов фокусот на Министерството за здравство е консолидација на сите информации – од здравствените установи во Гостивар, од центрите за јавно здравје и од сите други вклучени институции. Целата здравствена евиденција да биде собрана на едно место, за да може да ја консолидираме со епидемиолошките анкети. Тоа е едниот дел од работата. Вториот дел, кој го води Управувачкиот комитет, е оспособување на водоводниот систем. Епидемијата постепено се смирува. Главниот фокус ќе биде детална анализа на тоа што се случило, утврдување на хронологијата на настаните и извлекување поуки. Секако дека мора да има одговорност, но за мене е важно да извлечеме поуки што е згрешено во системот за тие да се превенираат во иднина, додаде Клековски.

