Skip to main content
Свет

СЗО прогласи крај на епидемијата на хантавирус на крузерот „Хондиус“

02/07/2026  21:58

Светската здравствена организација (СЗО) денеска официјално прогласи крај на епидемијата на хантавирус поврзана со крузерот „Хондиус“, откако од 25 мај не се регистрирани нови случаи на инфекција.

Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, соопшти дека и последното лице кое било под здравствен надзор го завршило карантинот, добило негативен тест и се вратило дома, со што се исполнети условите за официјално затворање на епидемијата.

Во текот на епидемијата биле идентификувани и следени повеќе од 650 контакти во околу 30 земји низ светот. Регистрирани биле вкупно 13 потврдени случаи на инфекција, од кои три завршиле со смртен исход.

Заразата беше поврзана со луксузниот крузер „Хондиус“, управуван од холандската компанија  Oceanwide Expeditions⁠, кој во април испловил од Аргентина. Неколку патници на бродот се заразиле со реткиот сој Андис на хантавирусот.

Медицинските експерти објаснуваат дека варијантата Андис е единствениот познат сој на хантавирус кој може ограничено да се пренесува од човек на човек. Вообичаено, хантавирусите се пренесуваат преку глодари, најчесто со вдишување честички од нивниот измет што се наоѓаат во прашина.

На бродот „Хондиус“ имало околу 150 лица од 23 држави, а пловилото се закотвило на шпанскиот остров Тенерифе на 10 мај. По пристигнувањето, патниците биле вратени во своите матични земји под строги безбедносни и здравствени протоколи.

Од СЗО уште еднаш порачаа дека ризикот за пошироката јавност останува низок и нагласија дека не постои опасност од епидемија од големи размери или од нова пандемија.