Skip to main content
Македонија

Детската клиника бележи најдобри резултати во историјата – најниска смртност од 2009 година

23/06/2026  15:56

Универзитетската клиника за детски болести бележи значително намалување на стапката на смртност кај хоспитализираните пациенти во последните две години, покажуваат официјалните статистички податоци од информатичкиот систем на Клиниката за периодот од 2014 до 2026 година.

Директорот на Клиниката, Бесим Мемеди, информираше дека во 2015 година процентот на починати пациенти во однос на вкупниот број хоспитализирани изнесувал 1,51 отсто, односно биле регистрирани 108 смртни случаи. За споредба, во 2025 година стапката на смртност паднала на 0,51 проценти, со 39 починати пациенти.

Според податоците, од 2009 до 2013 година стапката на смртност на Клиниката исто така била висока и се движела меѓу 1,17 и 1,54 проценти.

Особено охрабрувачки, според Мемеди, се резултатите во првиот квартал од оваа година. Во првите три месеци од 2026 година стапката на смртност изнесувала само 0,27 проценти, што претставува најниско ниво во последните 17 години и речиси двојно подобар резултат во споредба со 2025 година.

Пред десет години, во првиот квартал од 2016 година, на Клиниката биле хоспитализирани 1.758 деца, од кои 37 починале, односно стапката на смртност изнесувала 2,10 проценти. Во истиот период годинава биле регистрирани 1.841 хоспитализиран пациент, а починале пет деца, што претставува стапка на смртност од 0,27 проценти или намалување од 770 проценти во споредба со пред една деценија.

Од Клиниката посочуваат дека овие резултати се плод на тимската работа и 24-часовната посветеност на лекарите, медицинскиот и немедицинскиот персонал, како и на значителното подобрување на условите за работа.

Во изминатите две години биле реализирани повеќе од 24 капитални проекти и стотици мерки и активности од витално значење за функционирањето на установата и здравјето на децата. Дополнително, биле ангажирани нови медицински, административни и технички кадри, кои континуирано се едуцираат и усовршуваат.

Постигнатите резултати добиле позитивна оценка и од надворешните оценувачи на Агенцијата за квалитет и акредитација на здравствени установи, која во извештајот издаден на 4 јуни годинава позитивно ја оценила работата на Клиниката.

„Нашиот најсилен професионален и човечки мотив е животот и здравјето на децата“, порача директорот Мемеди.