Skip to main content
Македонија

Турски врвен уролог изведе четири сложени операции на Клиниката за урологија во Скопје

23/06/2026  14:18

На Универзитетската клиника за урологија во Скопје престојуваше проф. д-р Емре Хури, еден од водечките светски експерти во областа на функционалната и реконструктивната урологија и професор на Универзитетот „Хаџетепе“ во Анкара, Република Турција.

Посетата беше реализирана на покана на директорот на Клиниката, научен соработник д-р Башким Шабани, и шефот на Катедрата по хирургија, проф. д-р Оливер Станков, а воедно проф. д-р Хури е и визитинг професор на Медицинскиот факултет во Скопје.

Во рамки на стручната посета, проф. д-р Хури заедно со научниот советник д-р Огнен Ивановски успешно изведоа четири сложени оперативни зафати кај пациенти со уринарна инконтиненција. Извршени беа три трансобтураторни слинг процедури кај жени, како и една комплексна реконструктивна интервенција кај машки пациент.

Со воведувањето на овие современи хируршки техники, Универзитетската клиника за урологија повторно ја воспоставува женската реконструктивна урологија како стандардна здравствена услуга, која во целост е покриена од Фондот за здравствено осигурување.

Од Клиниката посочуваат дека оваа соработка претставува значаен чекор кон унапредување на здравствените услуги и имплементација на највисоките светски стандарди во третманот на уринарната инконтиненција, овозможувајќи им на пациентите во земјава пристап до современа, квалитетна и достапна здравствена грижа.