
Од претстојната академска година, медицинските факултети во Скопје, Тетово и Штип ќе започнат со примена на нов модел на специјализации по интерна медицина и општа хирургија, со акцент на практичната обука и пошироката едукација на идните лекари.
Како што соопшти министерот за здравство Азир Алиу, целта на реформата е да се надмине досегашниот пристап кој создавал премногу тесно специјализирани кадри, и наместо тоа да се обучуваат лекари кои можат поефикасно да се справуваат со комплексни и итни состојби, објави 4news.mk
„Воведуваме засилена практична обука, особено во ургентната медицина и интензивната нега, со цел идните интернисти да можат самостојно да управуваат со сложени случаи“, изјави Алиу.
Со новите програми, специјализантите по интерна медицина ќе стекнуваат и вештини за користење ултразвук како дел од секојдневната клиничка пракса, што ќе овозможи побрзо донесување одлуки во итни ситуации. Воедно, ќе бидат дефинирани и конкретни практични компетенции што секој специјализант мора да ги совлада.
Промени се предвидени и кај специјализацијата по општа хирургија, која ќе се скрати од шест на пет години. Според министерот, намерата е да се создаде пофлексибилен и функционален хирург, подготвен да одговори на потребите на здравствениот систем, особено во помалите средини.
Деканот на Медицинскиот факултет, проф. д-р Светозар Антовиќ, посочи дека новиот концепт се темели на стекнување широка основа, по што следува дополнително усовршување. „Идејата е лекарите прво да станат општи интернисти или хирурзи, а потоа да се насочат кон потесни области, што ќе придонесе за подобра здравствена заштита на ниво на целата држава“, изјави Антовиќ.
Поддршка за реформите изрази и претседателката на Лекарската комора, д-р Калина Гривчева-Старделова, која оцени дека ваквиот пристап е клучен и за задржување на медицинскиот кадар во земјава. Според неа, квалитетното образование и можноста за практична работа се важни фактори за младите лекари да останат да работат во домашниот здравствен систем.
Таа укажа дека сегашниот модел создава потешкотии, особено во помалите градови, каде лекарите често се соочуваат со пациенти од различни области, но се ограничени од својата тесна специјализација.
Според изнесените податоци, околу 70 проценти од пациентите се лекуваат во клиничките центри, што укажува на преоптовареност на системот и недоволна функционалност на локално ниво. Очекувањата се дека новите мерки ќе придонесат за подобра распределба на пациентите и поефикасно функционирање на здравството.
Студентите до трета година ќе имаат можност да се префрлат на новата програма, додека останатите ќе продолжат по постојниот модел. За веќе специјализираните лекари се предвидени дополнителни обуки за усогласување со новите стандарди. Реформата треба да помине владина процедура, а нејзината примена се очекува да започне во текот на оваа година.

