
Изградбата на автопатот Прилеп-Битола се одвива со силна динамика и очекувам веќе од следната пролет да ги возиме првите километри, а целиот автопат да се заврши и пред рокот. Преговараме за нова траса од Фариш до Прилеп како автопатско решение, работиме на проектирање на обиколница Прилеп, на топловодот за Битола, гасификацијата и други инфраструктурни проекти кои ќе дадат силен економски инпут за развој на Пелагонискиот регион, истакна заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски пред Регионалните бизнис комори на Битола и Прилеп.
“Знаете дека како Влада презедовме итни мерки. Македонија во моментов има најевтино гориво во целиот регион и нема никаков застој во снабдувањето, што не е случај со останатите држави. Скопскиот и охридскиот аеродром редовно функционираат за разлика од други аеродроми. И приштинскиот аеродром исто така се снабдува преку домашни снабдувачи, што значи дека успеавме кризата да ја амротизираме онолку колку што беше можно.
Во делот на автопатите, сега доаѓам од увид во изградба на автопатот Прилеп – Битола и градежните активности одат одлично. Она што го добив како ветување од Изведувачот е дека следната пролет ќе можеме да возиме по првите километри автопат на потегот од Прилеп до Битола, а целиот автопат да се заврши пред рокот со што ќе имаме комплетно автопатско решение од Прилеп до Битола.
На тоа се надоградуваат и разговорите кои што интензивно ги водиме и очекувам во текот на месеците јуни или јули да излеземе со конечното решение за продолжување онаму каде што застанавме, а тоа е после тунелите кај Фариш. Веќе го пуштивме експресниот пат кој што оди од Градско до Дреново и од Дреново до Фариш. Сега треба да го завршиме и делот што оди делот од Фариш до Прилеп, односно до го ограничиме Плетвар и на тој начин да имаме до Битола целосно автопатско решение” – изјави вицепремиерот Николоски.
Тој најави и воведување на градски воз меѓу Прилеп и Битола со цел да се олесни комуникацијата меѓу општнинте како резултат на отежнатиот сообраќај на регионалниот пат.
” За таа цел работиме заедно со двете железнички претпријатија, Македонски Железници Инфраструктура и Македонски Железници Транспорт. Некаде во месец јуни да пуштиме нов градски воз кој што би оперирал на линија Прилеп-Битола-Жабени и на тој начин да можат оние кои што имаат дневна потреба помеѓу овие два града а и оние кои што работат во индустриската зона Жабени да го користат возот што би значело навреме да се стига, брзо да се стига и да одиме со една промотивна цена, тоа е 150 денари за повратна карта, што е убедливо најевтиното што може да се најде на пазарот” – истакна Николоски.
Вицепремиерот најави и нови инфраструктурни проекти за економски развој на Пелагонија.
” Сакам да кажам уште три проекти во најава. Еден е обиколница на градот Прилеп. Веќе работиме со градоначалникот, тој веќе го работи проектирањето, мое и на Владата да ја изградиме обиколница со цел товарните возила да ги извадиме надвор од градот. Втората работа што сакам да ја најавам е топловодот, односно парното за градот Битола. И третата работа е гасифификација. Така што имаме огромни проекти за целиот овој регион, кои што се надопштински проекти. Знаете дека помагаме на општините секоја година со сериозна сума на средства, беа определени 250 милиони евра за општините и тоа се дополнителни проекти од овие кои што веќе ги спомнав” – изјави вицепремиерот Николоски.
На средба со бизнис коморите од Прилеп и Битола, покрај вицеперемиерот Николоски, присуствуваат и заменик министерот за економија Марјан Ристески, Николче Јанкуловски, заменик министер за финансии и градоначаланиците на Битола, Прилеп, Могила Новаци и Крушево.

