
Властите во Македонија спроведуваат истрага за новоформираната терористичка група „Ашаб Ал Јамин“ (HAYI), за која постојат сериозни сомнежи дека има поврзаност со структури блиски до Иран. Според информации објавени од платформата De Re Militari, оваа организација презела одговорност за серија антисемитски напади низ Европа во текот на март и април.
Меѓу најсериозните инциденти за кои групата се поврзува е и подметнувањето пожар во објект на еврејската заедница и синагога во Скопје. Нападот се случил за време на велигденскиот викенд, а цел биле верските и културните објекти на еврејската заедница во главниот град.
Анализите на безбедносните служби укажуваат дека „Ашаб Ал Јамин“ најверојатно функционира како таканаречена „параван-група“. Според првичните сознанија, организацијата се појавила на почетокот на март 2024 година без претходна историја на делување, што отвора сомнежи дека станува збор за мрежа која ангажира локални криминални структури или лица поврзани со проирански кругови за извршување на напади, вандализам и палежи.
Покрај случајот во Скопје, групата се доведува во врска и со неколку инциденти во Европа. Во Лондон биле запалени четири амбулантни возила на еврејската медицинска служба „Хацола“. Во Париз бил спречен обид за бомбашки напад пред канцеларија на „Bank of America“, при што биле вмешани двајца малолетници. Во Белгија и Холандија се регистрирани серија палежи и експлозии, во контекст на зголемените геополитички тензии меѓу САД, Израел и Иран.
Експертите за безбедност предупредуваат дека Југоисточна Европа, вклучително и Балканот, може да биде користена како логистичка зона за вакви групи. Поради послабите безбедносни механизми во споредба со Западна Европа, регионот се смета за потенцијално ранлив во случај на дополнителна ескалација на конфликтите на Блискиот Исток.
Засега нема информации за конкретни апсења или операции поврзани со оваа група во соседните земји, но истрагата во Скопје продолжува во координација со меѓународните безбедносни партнери.


