Skip to main content
Македонија

Трајковски: Владините мерки донесоа хаос наместо ред во поштенскиот систем

15/04/2026  23:50

Одлуката на Владата за намалување на прагот за задолжително оданочување и царинење на сите поштенски пратки од онлајн платформи како AliExpress и Temu предизвика сериозни проблеми во функционирањето на поштенскиот систем, предупредува професорот Дејан Трајковски во објава на социјалните мрежи.

Наместо подобра контрола и зголемени буџетски приходи, мерката, според него, во пракса довела до застои, доцнења и хаос во обработката на пратките.

„Голем број граѓани се соочуваат со ситуации каде нивните пратки остануваат задржани на царина со недели, па и повеќе од еден месец“, наведува Трајковски, додавајќи дека во негов случај пратки биле задржани и до 35-40 дена, иако на крајот не биле наплатени никакви давачки.

Тој поставува прашање за ефикасноста на системот: ако пратките не подлежат на данок или царина, зошто се задржуваат толку долго.

Дополнителен проблем, според него, е што вработените во поштенските служби се ставени во незавидна позиција да ги објаснуваат доцнењата, иако станува збор за одлуки донесени на повисоко ниво.

„Очигледно е дека постои сериозен јаз помеѓу донесувањето на политиките и реалниот капацитет за нивна имплементација“, пишува Трајковски, посочувајќи на недостиг од простор, кадар и организација.

Тој критикува и дека ваквите законски решенија се носат без претходна анализа и подготовка, без пилот-проекти или постепено воведување, што директно ги погодува граѓаните.

Во услови кога онлајн купувањето станува сè попопуларно, ваквата состојба создава дополнителен товар, нервоза и губење време за граѓаните.

Трајковски предупредува и на повторливоста на вакви ситуации, посочувајќи дека институциите често носат мерки кои изгледаат добро на хартија, но се тешко применливи во пракса.

„Недостатокот на стратегиско планирање и координација резултира со систем што функционира под постојан притисок или воопшто не функционира“, додава тој.

На крајот, цената од ваквите политики ја плаќаат граѓаните преку изгубено време, нервоза и намалена доверба во институциите.