
Новите информации од истрагата за двата крвави напади во училиштата во Шанлиурфа и Кахраманмараш откриваат загрижувачки заеднички детали за напаѓачите. Во нападите, кои се случија во рок од околу 24 часа, загинаа 12 лица, вклучително и двајцата напаѓачи, а 33 лица беа повредени.
Според првичните сознанија, двајцата ученици кои ги извршиле нападите биле зависници од популарната видеоигра PUBG, која содржи елементи на насилство и борба за преживување.
Првиот напад се случи на 14 април во Средното стручно-техничко училиште „Ахмет Којунџу“ во Сиверек, каде беа повредени 16 лица, меѓу кои и наставници и ученици. Напаѓачот Омер Кет по нападот си го одзел животот со оружјето што го користел.
Само еден ден подоцна, нов напад ја потресе јавноста во Кахраманмараш. Шеснаесетгодишниот Иса Арас Мерсинли, користејќи пет пиштоли кои му припаѓале на неговиот татко пензиониран полициски службеник – влегол во училиштето и ранил еден наставник и осум ученици. И тој загинал во текот на нападот.
Истрагата открива дека кај напаѓачот од Кахраманмараш бил пронајден документ на неговиот компјутер, датиран неколку дена пред нападот, во кој најавувал извршување на голема акција. Сепак, засега не е утврдена поврзаност со терористички организации.
Наставниците и блиските опишуваат дека станува збор за тивок и повлечен ученик, но со силна зависност од видеоигри со воена тематика. Од друга страна, напаѓачот од Сиверек бил активен на социјалните мрежи, каде објавувал заканувачки пораки, предупредувајќи дека „наскоро ќе има настани во училиштето“.
Случаите отворија сериозна дебата за влијанието на насилните видеоигри врз младите, но и за пропустите во безбедноста и контролата на оружјето.
