
Немесио Рубен Осегера Сервантес, познат како „Ел Менчо“, беше убиен во операција на мексиканските специјални сили спроведена вчера во Талпалпа, во западната држава Халиско.
Целта на операцијата беше да се уапси Осегера Сервантес. Меѓутоа, кога специјалните сили упаднаа на локацијата, врз нив беше отворен оган. Во возвратен оган, тие убија четири лица кои беа таму. „Ел Менчо“ беше ранет во акцијата, а подоцна им подлегна на повредите додека беше транспортиран во главниот град, Мексико Сити.
Тоа предизвика одмазнички напади од припадници на картелот кон безбедносните сили, при што загинати се десетиции униформирани лица.
Член на моќниот нарко-картел „Халиско Нова генерација“ изјави дека палежите и спорадичните пукања низ Мексико се одмазда за убиството на нивниот водач.
Тој, исто така, предупреди на можноста за понатамошно крвопролевање, бидејќи различните фракции во организацијата се подготвуваат да се борат за контрола врз картелот, пишува Ројтерс.
„Нападите беа извршени како одмазда за смртта на еден водач, првично против владата и од незадоволство“, рече извор од картелот. „Но, потоа ќе следат внатрешни атентати, извршени од групи кои се борат да ја преземат власта“, додаде тој.

