Skip to main content
Свет

Најмалку осум британски војници се повредени во верижна сообраќајка во Естонија

26/11/2024  08:20

Десетина војници на НАТО, вклучително и најмалку осум британски војници, беа повредени минатата недела во верижна сообраќајка по учеството на вежба на НАТО во Естонија, соопштија синоќа локалните власти.

Војниците се враќале во нивната база во Тапа во време на снежна бура кога нивните комбиња учествувале во голем верижен судир што се случил по сообраќајка на два автомобила на автопатот Талин-Нарва.

Седумнаесет лица, меѓу кои 12 војници, се повредени и пренесени во болница по несреќата, соопшти полицијата.

Осум британски војници се пренесени во Британија на понатамошно лекување, изјави портпаролот на Министерството за одбрана.  Тројца остануваат во болницата „Кралица Елизабета“ во Бирмингем.

Британските војници се распоредени во Естонија како дел од операцијата Кабрит, како дел од зголеменото воено присуство на источното крило на НАТО, по почетокот на руската инвазија на Украина.