
Пишува: Проф. Д-р. Иван Анастасовски
Како дел од академската заедница коректно е да напишам мое мислење по однос на новиот Закон за високо образование кој е веќе поставен на веб локацијата ЕНЕР и јавно е достапен. Се сеќавам дека, во сега далечната 2008 година кога се носеше тогашниот Закон за висoко образование, имав есклузивна можност да бидем дел од парламентарното мнозинство и воедно да не го поддржам тогашниот предлог на Закон. Денес, од оваа временска инстанца, единствена можност е вака преку пишан текст да се обидам да укажам на одредни пропусти и недостатоци во предложеното решение.
Значајно е да се нагласи дека новиот Закон за високо образование претставува обид за усогласување на македонскиот високообразовен систем со европските стандарди, но истовремено отвора сериозни прашања околу неговата практична примена и вистинското подобрување на квалитетот. Иако законската рамка ветува модернизација, дигитализација и поголема автономија, останува дилемата дали реформата е суштинска или претежно административна.
Позитивна страна на законот е нагласувањето на квалитетот на наставата, интернационализацијата и можностите за мобилност на студентите и академскиот кадар. Воведувањето на нови механизми за евалуација и акредитација може да придонесе за поголема отчетност на високообразовните институции и намалување на формализмот кој со години го оптоваруваше системот.
Сепак, ризикот лежи во тоа што законот премногу се фокусира на процедура, а недоволно на суштинските проблеми: недоволното финансирање на научни истражувања, политизацијата на универзитетите, одливот на млади кадри и слабата поврзаност меѓу образованието и пазарот на труд. Без реална поддршка за научно-истражувачка работа и подобрување на статусот на професорите и соработниците, секоја законска промена може да остане „реформа на хартија“.
Особено загрижувачко е што студентите, како клучни актери во високообразовниот процес, честопати се вклучени симболично, а не суштински во креирањето и имплементацијата на ваквите политики. Закон кој не ја зема предвид реалната студентска перспектива тешко може да создаде систем што ќе биде мотивирачки, инклузивен и конкурентен. Најгласна реформа во овој Закон која се провејува во медиумите, е строгиот критериум за напредување на наставниот кадар во повисоко звање, преку издавање на трудови со фактор на влијание (толку цитиран збор “импакт“).
Ајде, ќе се обидам овде малку реално, малку теориски да објаснам каков е процесот на објавување трудови во списанија со фактор на влијание во општествените науки (не коментирам за другите). Ако се прашуваме дали е лесно да се објави труд во вакво списание во општествените науки, одговорот е краток и јасен: не е лесно, но е изводливо.
Конкретно, во споредба со природните и медицинските науки, списанијата со импакт фактор во општествените науки се многу помалку на број, имаат понизок фактор на влијание, а имаат подолги рецензентски процедури кои траат помеѓу 6 и 18 месеци. Да разјаснам „висок IF“ во социологија ≠ „висок IF“ во медицина.
При објавување на трудови со IF кај општествените науки критериумите се построги, но и поинакви. На пример, рецензентите повеќе вреднуваат теориски придонес, не само емпириски податоци, интернационална релевантност (локалните студии тешко минуваат поради сеуште силниот фокус на истражувања направени во западните или т.н. WEIRD култури) и критичка синтеза, не опис. Дополнително, сè поголем број списанија поддржуваат (или објавуваат исклучиво) трудови со отворен пристап (т.н. open access), што чини многу пари за објавување. Оттука, не треба да се ставаат во ист кош научните полиња кога е во прашање овој законски сегмент кој е најпосочуван во јавноста.
Дополнително, би сакал да го искоментирам делот во предлог Законот кој се однесува на гласањето за највисоката раководна позиција на универзитетите (поточно изборот на ректор/и), кадешто законодавецот предвидува гласањето да биде човек-глас, со што истиот однапред ги фаворизира побројните единици на универзитетите. На тој начин, помалкубројните единици стануваат маргинализирани во поглед на исходите од гласањето, со што се нарушува правото на еднаквост. За да ја објаснам мојата поента, ќе направам паралела со гласањето за претседател на највлијателната спортска органзиација УЕФА, каде секоја членка, без оглед на големината на организацијата, дава 1 глас. Оттука, сметам дека најдобро решение би било да се врати претходно постоечкото, според кое ректорите се бираат во Сенат, каде сите факултети се застапени со по два члена, а институтите со по еден член. Така се задржува правото на еднаквоста.
Во принцип Законот за високо образаовние е обемен документ со вкупно 219 членови и опфаќа повеќе сегменти, но сепак верувам дека сите Универзитети (јавни и приватни) а воедно и нивните членки ќе напрват сериозен обид да го разгледат и анализраат студиозно и да понудат соодветни забелешки и сугестии кои би биле во насока на подобрување на текстот се со цел да имаме нов сериозен и квалитетен документ кој ќе ја унапредува нашата академска заедница и ќе биде документ релевантен на образовниот европски систем.
И на крајот, новиот Закон за високо образование може да биде чекор напред само доколку се применува транспарентно, со постојан дијалог меѓу државата, универзитетите и студентите. Во спротивно, постои опасност повторно да добиеме нормативна рамка која убаво звучи, но не го менува секојдневието на македонскиот студент и професор.

