
Политичките случувања во регионот, особено во Унгарија и Бугарија, ќе имаат директни импликации врз Македонија, оцени политикологот Ненад Марковиќ во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.мк.
Според него, иако промената на власта во Унгарија по долгогодишното владеење на Виктор Орбан претставува значаен политички пресврт, сепак клучните импликации за Македонија ќе доаѓаат од Бугарија. Причината, како што посочи, е географската и политичката блискост, но и отворените билатерални прашања кои директно влијаат врз евроинтегративниот процес на земјата, објави 4news.mk.
Осврнувајќи се на изборниот резултат во Унгарија, Марковиќ истакна дека пресудна улога одиграле влошената економска состојба и стратегијата на опозицијата да се обедини околу еден политички актер. Токму тоа, според него, овозможило мобилизација на незадоволните гласачи и значајна победа над долгогодишната власт.
Како дополнителен фактор го посочи изборниот модел, кој, според неговата анализа, бил дизајниран да го зацврсти владеењето на Орбан, но на крајот се покажал како „бумеранг“ што придонел за негов пораз.
Сепак, Марковиќ смета дека е прерано да се зборува за политички крај на Орбан. Напротив, тој ќе остане релевантен фактор и во опозиција, со можност за порадикално делување и поостра реторика во наредниот период.
Во однос на медиумската сцена во Унгарија, Марковиќ укажа дека силното влијание врз медиумите било еден од столбовите на долгогодишното владеење. Тој додаде дека пропагандата и обидите за дискредитација на политичките противници не запираат ниту по промената на власта.
Заклучокот, според него, е дека иако промените во Унгарија се значајни, вниманието на Македонија треба да биде насочено кон Бугарија, каде идните политички процеси ќе имаат многу поголемо и подиректно влијание врз домашните состојби.
