Skip to main content
Македонија

Марковиќ: Агресивната пропаганда му се врати како бумеранг на Орбан

16/04/2026  23:14

Падот на Виктор Орбан во Унгарија е резултат на „ПР катастрофа“ и претерано потпирање на агресивна пропаганда која на крајот му се врати како бумеранг, оцени политикологот Ненад Марковиќ во гостувањето на „Ноќно студио“ на 4ТВ.мк. Според него, нападите врз опозицијата и исценираните скандали не само што не помогнале, туку дополнително го забрзале неговиот пораз.

Осврнувајќи се на новата политичка сцена, Марковиќ повлече паралела меѓу новиот унгарски лидер Петар Маѓар и Воислав Коштуница, оценувајќи дека Маѓар успеал да им понуди на гласачите позната политичка рамка, но со јасна разлика. Иако доаѓа од десницата и задржува дел од антимигрантските ставови, тој, според Марковиќ, направил отклон од „субмисивниот однос кон Москва“ и цинизмот кон Брисел, што го прави прифатлив за поширок круг гласачи.

Промените во Будимпешта, според анализата, ќе имаат одек и во регионот. Марковиќ посочи дека новата власт во Унгарија веќе влегла во отворен конфликт со српскиот претседател Александар Вучиќ, кој за време на изборите јавно го поддржал Орбан.

„Не гледам зошто Маѓар би го ‘тинтрал’ Вучиќ, кога тој активно работеше против него. Можно е да има одредена модерација по преземањето на функцијата, но односите веќе нема да бидат исти“, истакна Марковиќ.

Во однос на Македонија, тој смета дека постепено се руши логистиката воспоставена во времето на Никола Груевски, нагласувајќи дека политичките и идеолошките врски меѓу дел од структурите не се нови, туку имаат подолга историја, која кулминираше со бегството и азилот на Груевски во Будимпешта.

Иако не очекува новата унгарска власт веднаш да отвори прашања поврзани со актуелната македонска влада, Марковиќ не ја исклучува можноста од појава на информации кои би можеле да предизвикаат политички потреси во регионот.

„Можеби тоа нема да биде приоритет, но не значи дека нема да излезат информации кои на подолг рок ќе создадат сериозни последици – можеби повеќе во Србија отколку кај нас“, заклучува Марковиќ.