Search

Каталонија поради недостиг на вода гради постројки за преработка на морската вода

Каталонија, автономна покраина со 7,5 милиони жители на североистокот на Шпанија, се соочува со недостиг на вода поради долготрајната суша, па затоа ќе гради постројки за преработка на морската вода.

Во пристаништето Барселона започнува изградбата на голема пловечка фабрика за десаланизација, а уште дванаесет вакви помали мобилни постројки ќе бидат инсталирани долж северниот каталонски брег во провинцијата Жирона, соопшти локалната власт.

„Идејата е со пловечката фабрика за дсаланизација во Барселона и веќе најавеното намалување на потрошувачката на вода, да не влеземе во втората фаза на кризната ситуација“, изјави Дејвид Маскорт, одговорен за климатските промени во каталонската влада.

Каталонија, туризмот и индустрискиот мотор на Шпанија, пред два месеци ја прогласи првата фаза од кризната состојба со ограничување на употребата на вода за пиење. Ќе нема вода за туширање по излегувањето од морето на јавните плажи летово, жителите смеат да ги перат автомобилите само во овластени перални за автомобили, на хотелите им е наредено да користат морска вода во базените, а количината на вода за земјоделците и индустријата е намалена. Владата ги повика жителите да не се тушираат во јавните базени и да внимаваат да не истекува многу вода непотребно дома.

Резервоарите во кои се собира дождовницата, која потоа преку водоводниот систем оди за домаќинствата и индустријата, паднаа на ниво од само 18 отсто. Марија Хозе Рало, претседател на шпанската метеоролошка служба (Aemet), во интервју за новинската агенција ЕФЕ рече дека „екстремните метеоролошки феномени се јасен знак за климатските промени“.

„Европскиот систем за набљудување Коперник утврди дека 2023 година беше најтоплата година во Шпанија откако се направени мерењата“, рече таа. Барселона, со своите 1,6 милиони жители, со тоа стана првиот голем град во јужна Европа кој се соочи со недостиг на вода. Истражувањето спроведено пред една година од куќата за истражување на јавното мислење IO Investigacion покажа дека 90 отсто од жителите на Барселона се загрижени и подготвени да ги променат своите навики во иднина.

Каталонската влада ги повика жителите да консумираат максимум 90 литри дневно по жител, што е значително помалку од 173 литри што се трошат дневно во Барселона. Со цел да го надополни недостигот, владата размислуваше за увоз на вода со брод од други делови на Шпанија или соседна Франција, но во четвртокот одлучи да изгради постројки за десаленизација.

Маскорт објасни дека фабриката ќе обезбедува околу 40.000 кубни метри дневно, во споредба со 25.000 кубни метри што секој брод може да ги испорача. Фабриката ќе започне со работа во октомври, а каталонската влада ќе управува со неа пет години, што ќе ја чини вкупно 100 милиони евра, по што ќе може да ја продаде доколку повеќе не и треба. Уште 10 милиони ќе бидат издвоени за дванаесет помали погони во провинцијата Жирона.

Треба да знаете
Последни објави