Search

Германската министерка за надворешни работи и Нетанјаху се скараа поради фотографии од пазарите во Газа

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се скараа за време на состанокот во Ерусалим околу прашањето за хуманитарната помош за Појасот Газа, пренесоа германските медиуми.

Баербок и Нетанјаху се судрија околу тоа дали жителите на Појасот Газа имаат доволно храна на располагање. Нетанјаху покажа фотографиите на Баербок кои наводно потекнуваат од северниот дел на Газа, каде што се случува најголемата хуманитарна криза, на кои се гледаат пазарите преполни со овошје, зеленчук и други прехранбени производи.

На тоа, Баербок на својот мобилен телефон покажа фотографии на кои се гледаат гладни деца од крајбрежјето на Газа и рече дека фотографиите што ги покажа Нетанјаху не одговараат на вистината.

Според израелската ТВ станица Канал 13, израелскиот премиер рекол: „Ние не сме нацисти“, алудирајќи на пропагандните филмови на националсоцијалистичкиот режим кои сугерираа изобилство и добри услови за живот во варшавското гето во 1942 година.

Нетанјаху рече дека фотографиите на кои се прикажани пазари во Газа се од израелската државна канцеларија Когат, која е задолжена за контакти со Палестинците и хуманитарната помош. Германското Министерство за надворешни работи воздржано реагираше на медиумските написи и соопшти дека тие „не го одразуваат вистинскиот тон“ што преовладувал за време на разговорите.

Според тие информации, Баербок, која вчера беше во Израел за да укаже на лошата хуманитарна состојба во Појасот Газа и да се бори за поголема помош, не му замерила на Нетанјаху дека фотографиите што ги има се лажни, туку дека не одговараат на севкупна слика за состојбата на цивилите во Газа.

Треба да знаете
Последни објави