Search

Протести во Грузија: Десетици илјади на улиците поради законот за „странски агенти“

Десетици илјади луѓе излегоа на улиците во четвртокот вечерта во Грузија за повторно да протестираат против контроверзниот закон за „странски агенти“ што го бара владата, пренесе АФП.

За разлика од претходните денови, митингот се одржа на две различни места: пред парламентот, традиционалното место на демонстрации и на плоштадот на хероите, каде што има споменик во спомен на загинатите грузиски војници во битка.

Во средата, нацрт-законот за „странски агенти“ помина второ читање во грузискиот парламент. Опозицијата вели дека тој бил инспириран од Кремљ.

Владата смета дека законот е неопходен за да се гарантира транспарентно странско финансирање на невладините организации.

Веќе речиси еден месец секоја вечер се поголем број демонстранти излегуваат на улиците. Во средата десет илјади демонстранти го блокираа центарот на Тбилиси.

Висок функционер на Европската унија во четвртокот ја предупреди грузиската влада дека нацрт-законот за „странски агенти“ е неприфатлив и ќе претставува пречка во напорите на земјата да се приклучи на ЕУ доколку биде усвоен во сегашната форма.

Соединетите Држави, исто така, изјавија дека се длабоко загрижени за предложениот закон, соопшти Белата куќа, додавајќи дека се против секој потег што ќе ги наруши правата на слободата на говорот во земјата.

„Ние сме длабоко загрижени за овој предлог-закон – што може да направи во смисла на задушување на несогласувањето и слободата на говорот“, рече портпаролот на Белата куќа за национална безбедност Џон Кирби на брифинг со новинарите. „Таму има енергично граѓанско општество.

Шефот за човекови права на ОН, Волкер Турк, побара од Грузија да го повлече нацрт-законот и изрази загриженост за односот на властите кон демонстрантите.

„Загрижен сум поради извештаите за непотребна и непропорционална употреба на сила против демонстрантите и медиумските работници во грузискиот главен град Тбилиси оваа недела“, рече тој.

Грузискиот парламент се очекува да го разгледа законот во третото читање за околу две недели.

Треба да знаете
Последни објави