Search

Ново истражување: Повеќето Американци веќе не се согласуваат со воената акција на Израел во Газа

Мнозинството американски граѓани сега не ја одобруваат израелската воена акција во Газа, што е остра промена од минатата есен, според анкетата на Галуп објавена во средата, пишува Аксиос.

Резултатите од истражувањето доаѓаат додека Израел се подготвува за копнена инвазија на Рафа. Како што пренесува Аксиос, тензиите меѓу американскиот претседател Џо Бајден и израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се зголемија додека ескалира хуманитарната криза од израелската војна.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека 55 отсто од Американците не го одобруваат воениот одговор на Израел во Газа, што е за 10 отсто зголемување од ноември, според новата анкета.

Околу секој трет (36%) граѓанин на САД ги одобрува израелските воени акции во Газа, што е помалку од периодот по нападот на Хамас на 7 октомври, кога анкетата во ноември покажа дека половина од Американците ги одобруваат акциите на Израел.

Меѓу републиканците, процентот што ги одобрува акциите на Израел падна од 71 отсто во ноември на 64 отсто во март, покажа истражувањето.

Падот е уште поостар кај демократите. Помалку од еден од пет (18%) велат дека ги одобруваат акциите на Израел, за разлика од 36% во ноември.

Кај луѓето кои се идентификуваат како независни, рејтингот на одобрување падна од 47% на 29% во истиот временски период.

Треба да знаете
Последни објави