Search

Ковачевски: Силен СДСМ во Собранието е потребен за да не дозволиме ВМРО повторно да владее неконтролирано

Потребен е силен СДСМ во Собранието за да не дозволиме ВМРО повторно да владее неконтролирано и да се коцка со иднината, стабилноста и безбедноста на државата, порача лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, на вечерашниот митинг во Радовиш.

Ако десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ добие преголема моќ, тоа ќе стави крај на нашите ЕУ перспективи, крај на независните медиуми, крај на борбата за независно судство, истакна Ковачевски.

Toj ги повика граѓаните да направат разлика помеѓу демократското водење на државата од СДСМ и авторитарниот режим на ВМРО ДПМНЕ.

„Не дозволувајте ВМРО да продава евтини демагогии за иднината. Сетете се како неговиот ментор од Будимпешта ја ограби и ја зароби државата. Сетете се на повеќе од пола милијарда евра народни пари потрошени за криминалниот проект Скопје 2014. Сетете се на заробените медиуми, замолчените вработени во јавниот сектор кои ги запишуваа по списоци, пикаа по автобуси и носеа на контра протести во Скопје, на натепаните студенти. Сетете се на милионите потрошени за жални врби, лажен барок, евтин стиропор само за да се богатат поединци и фамилијата која беше на власт.

Тој предупреди и дека десничарска партија како ВМРО ДПМНЕ може лесно да ги наруши меѓуетничките односи.

„Видете како предизборната кампања, Мицкоски и Силјановска наместо во натпревар на проекти и идеи ја претворија во националистички скандирања и препукувања со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Испратете им јасна порака и на Мицкоски и на Ахмети и на Силјановска и на едните и на другите дека ниту еден граѓанин не сака да се вратиме повеќе од 20 години наназад дека не сакаме повторно да се распалат меѓуетничките тензии.

Тој потенцираше дека СДСМ на изборите на 8-ми мај оди заедно со граѓаните кои веруваат дека Македонија има капацитет да изгради подобра и просперитетна иднина во ЕУ.

„Никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да ја уназадува државата. Никогаш и по ниту една цена нема да дозволиме некој да си игра со иднината на нашите деца. СДСМ на овие избори оди заедно со граѓаните кои веруваат во европска Македонија и кои се подготвени да се борат за таа иднина”, рече Ковачевски.

Лидерот на СДСМ ги повика граѓаните на 8-ми мај да ја поддржат Коалицијата за европска иднина и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и да покажат дека Македонија има прогресивни и умни луѓе кои сакаат иднина во ЕУ, а не враќање во минатото на конфликти и војни.

Треба да знаете
Последни објави