Search

Ангелов: Позитивна оценка на ЕК за бројот на итни повици 112 во ЦУК

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на својот Фејсбук профил информираше дека според извештајот на Европската комисија, Центарот за управување со кризи успешно го имплементирал проектот за воведување на 112 како дел од напорите на земјата за приближување кон ЕУ регулативата, вредностите и стандардите. Бројот 112 е достапен за сите граѓани во целата земја.

„Кога и да се соочат со вистински итен случај, каде било во Р.С. Македонија, граѓаните секoгаш можат да се јават на бројот 112, 24 часа на ден, секој ден, секогаш кога се во опасност или им е потребна полициска интервенција, лекарска помош, противпожарна заштита или сакаат да пријават било каква друга опасност која не е итна но го загрозува нивниот живот, здравје или имот“, потенцираше Ангелов.

Тој додаде дека во работниот документ на Европската комисија за напредокот на Република Северна Македонија во 2023 година, во Поглавјето 27 што се однесува на Животната средина и климатските промени, во делот Цивилна заштита стои дека “Европскиот број за итни повици Е 112 од февруари 2022 година е достапен за сите граѓани во целата земја. Центарот за управување со кризи успешно го имплементираше проектот за воведување на Е 112 како обврска од Законот за управување со кризи и како дел од напорите на земјата за приближување кон ЕУ регулативата, вредностите и стандардите.

„Во Поглавјето 10 Дигитална трансформација и медиуми, се упатува на потребата за продолжување по истиот пат, имено, зголемување на капацитетите на Е 112 службите и услугите, со подобрување на капацитетите за комуникација помеѓу нив и зајакнати човечки ресурси (по број и континуирана обука)“, посочи Ангелов.

Тој заклучи дека центарот за управување со кризи активно работи на зајакнување и унапредување на бројот 112 со сопствени сили и ресурси но и со аплицирање за нов ЕУ проект за надградба на капацитетите на 112, заклучи Ангелов во својата објава.

Треба да знаете
Последни објави