Search

Затворски казни за пеење усташки песни на фудбалски натпревар

Повеќето од навивачите кои беа уапсени поради пеење усташки песни на неодамнешниот фудбалски натпревар меѓу Хрватска и Турција во Осиек се осудени на затворски казни и една година забрана за присуство на репрезентативни натпревари, објавија вечерва хрватските медиуми. Од 12-те навивачи обвинети од полицијата дека го пееле усташкиот марш на натпреварот во Осиек минатиот четврток, осуммина се осудени на 30 дена, а еден на 60 дена затвор во судот во Осиек. Двајца добија условна казна, а еден беше ослободен.

Според медиумите, казните се изречени врз основа на видео снимки, бидејќи „Опус арената“ во Осиек е покриена со 160 камери.

Полицијата претходно соопшти дека со претрес на станови и други простории на 12 осомничени, на возраст од 20 до 40 години, пронашла и запленила повеќе забранети оружја, поголемо количество пиротехнички средства, опасни средства и средства погодни за напад и повреда, како и ознаки кои повикуваат на омраза.

Хрватските медиуми објавија дека група хрватски навивачи на мечот во Осиек ја пееле усташката песна „Се вее усташкото знаме“.

Во саботата, УЕФА покрена дисциплинска постапка против Хрватскиот фудбалски сојуз затоа што хрватските навивачи во два наврати користеле пиротехнички средства, а подоцна и поради расизам и дискриминација.

Премиерот Андреј Пленковиќ го осуди пеењето усташки песни на фудбалските натпревари и рече дека тоа го прават луѓе кои сакаат зло на хрватската репрезентација. Тој најави дека полицијата ќе го испита инцидентот во Осиек и ќе поднесе пријави.

Треба да знаете
Последни објави