Search

Парцела со канабис откриена во круг на армиски објект во близина на Тирана

 Во Албанија, како што потврдува последниот случај, се чини дека и воените објекти станале место каде има парцели со марихуана.

– Таков случај е откриен во елитниот армиски оддел во селото Зал Хер, кај Тирана, лоциран во шумски предел. Уапсени се тројца припадници на армијата, додека други четворица се под истрага, меѓу кои и командантот, сите на возраст од 25 до 57 години, јавија албанските медиуми.

Насадот со најмалку 125 стебла марихуана бил откриен со помош на дрон.

Министерот за одбрана Нико Пелеши, се заблагодари на полициските службеници за успешната акција и соопшти дека веднаш се суспендирани сите одговорни лица.

– Силно ја осудуваме секоја незаконска активност. Ги охрабруваме правосудните органи да бидат на ниво на задачата, напиша Пелеши во реакцијата на Фејсбук.

Реагираше и поранешниот началник на Генералштабот на албанската армија, Џемал Ѓикнури, оценувајќи дека станува збор за случај без преседан.

– Овој случај без преседан во историјата на албанската држава мора да биде подложен на длабока анализа на раководните структури на одбранбените и безбедносните функционери и да бидат преземени мерки за да не се повторат вакви ситуации, наведува Ѓинкши.

Опозицијата побара од министерот Пелеши под итно да си поднесе оставка. 

Треба да знаете
Последни објави