Search

Во САД одобрена првата пилула за контрацепција без рецепт

Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) објави дека апчињата за контрацепција „Опил“ (Opill) ќе бидат достапни без рецепт за жени и девојки од сите возрасти. Во соопштението се наведува дека одобрувањето на апчето без рецепт ќе помогне да се олеснат пречките за жените за пристап до контрацепција.

Производителот на „Опил“ рече дека производот најверојатно ќе биде достапен да се купи уште на почетокот на 2024 година. Цената сè уште не е позната.

САД со тоа им се придружуваат на повеќе од 100 земји ширум светот кои дозволија апчиња во слободна продажба, вклучувајќи ги тука повеќето земји во Латинска Америка, како и Индија, Кина и Велика Британија.

Некои научници изразија загриженост за тоа дали младите жени и оние со ограничена писменост можат да ги разберат упатствата, вклучително и да не ја земаат таблетата ако имале рак на дојка. Но, заклучоците на стручњаците гласат дека жените со рак на дојка се во контакт со своите лекари и свесни дека не треба да земаат хормонална контрацепција.

Експертите велат дека жените и особено тинејџерките се соочуваат со бројни пречки за пристап до услугите за репродуктивно здравје, вклучително и недостиг на здравствено осигурување и тешкотии при наоѓање превоз до одење на лекар. Жените, исто така, понекогаш се соочуваат со стигма и срам кога се обидуваат да ја купат пилулата, додаваат експертите.

Некои испитувања откриваат дека во САД речиси половина од бременостите се непланирани.

Треба да знаете
Последни објави