Search

Петковиќ: Специјалците на Курти беа на територијата на Србија, нашата полиција не ја помина административната линија

„Специјалците на Курти беа длабоко на територијата на централна Србија, нашата полиција не ја помина административната линија ниту милиметар“, изјави директорот на владината Канцеларија за Косово и Метохија, Петар Петковиќ, на вонредна прес-конференција.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Петковиќ посочи дека Србија е подготвена да ги понуди сите докази и повика да се отвори меѓународна истрага доколку е потребно.

„Припадниците на специјалните единици на српската полиција уапсија тројца вооружени косовски специјалци на територијата на централна Србија. Сите тројца биле вооружени со автоматско оружје и со целосна воена опрема со ГПС уреди, мапи и друга опрема“, соопшти претходно МВР.

„Антитерористичката единица на српската жандармерија лоцираше и уапси тројца припадници на специјалната полиција на Курти кои беа вооружени до заби“, рече Петковиќ.

-Оваа терористичка банда е уапсена денеска во 12.38 часот длабоко на територијата на централна Србија во атарот на селото Гњилица во општина Рашка, кажа Петковиќ.

Тој истакна дека припадниците на српската полиција „не стапнале на територијата на Косово и Метохија и не ја прекршиле ниту резолуцијата 1244 ниту Воено-техничкиот договор, бидејќи не ја преминале административната линија“.

„Тие што ги прекршија овие меѓународни договори се токму овие албански терористи, припадници на косовската полиција“, рече Петковиќ.

-Ние сме апсолутно подготвени да ги понудиме сите докази и да побараме да се отвори меѓународна истрага, доколку е потребно, дури и Американците и Британците да ги достават своите сателитски снимки за да може јасно да се види она што го кажуваме, а тоа е дека Српската полиција не премина ниту еден милиметар административни линии, рече Петковиќ.

Тој посочи дека „не се работи за никакво киднапирање, како што тврди косовскиот министер за внатрешни работи, Џељаљ Свечља, туку српската жандармерија го спречила опасниот план на терористите кои со опасна намера заминале во централна Србија“.

-Што бараат со оружје, мапи, ГПС, длабоко во централна Србија и во шума? Тоа ќе го утврди истрагата, рече Петковиќ.

Треба да знаете
Последни објави