Search

Петмина грчки полицајци уапсени за помагање криумчари со мигранти

Петмина полицајци се уапасени викендов во Грција под обвинение дека соработувале со трговците со луѓе за да го олеснат влезот на најмалку 100 мигранти во Грција, и се задржани во притвор додека трае судењето, пренесува „Брејтбарт“.

Петмината полицајци дале изјави пред истражен судија во саботата наутро во пограничниот град Орестиада, во североисточна Грција.

Агенти од Одделот за внатрешни работи на грчката полиција ги следеле петте полицајци, кои се дел од специјалната погранична единица, од октомври 2022 година.

Тие ги прислушувале и нивните телефонски разговори, чии транскрипти се на преку 2.000 страници. Полицајците предизвикале сомнеж со тоа што доброволно се пријавиле заедно да патролираат во одредено време.

Властите велат дека полицајците овозможиле најмалку 12 преминувања преку границата, соработувајќи со четворица трговци со луѓе од неодредена националност кои оперирале од Турција.

Надлежните тврдат дека обвинетите службени лица им земале дел од парите што трговците со луѓе ги добивале од мигрантите за да ги пренесат преку граница.

Кога осомничените полицајци биле уапсени во пограничниот град Дидимотеихо, полицијата конфискувала околу 26.000 евра во готовина и речиси 60 мобилни телефони.

Речиси целата копнена граница меѓу Грција и Турција ја формира реката Еврос, наречена Мерич во Турција. Еврос е клучен премин кон Грција за луѓето кои бараат подобар живот во Европската Унија.

Грција подигна висока ограда по должината на поголемиот дел од границата (38 км) за да го спречи преминувањето на мигрантите и планира дополнително да ја прошири петметарската бариера за уште 35 км.

Илјадници мигранти, главно од Сирија, Авганистан и Пакистан, се обидоа да преминат во Грција од Турција во последните години со надеж дека ќе стигнат до Западна Европа.

Со зголемувањето на патролите во Егејското Море, што им отежнува на мигрантите да стигнат до грчките острови, многу повеќе од нив ризикуваат да ја преминат реката Еврос, природната граница на Грција со Турција, со трговците со луѓе кои ги превезуваат по копнен пат.

Грција, од друга страна, е обвинета и за нехумани практики против нелегалните мигранти. Според истрагата на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ), Грција со помош на Фронтекс, намерно и систематски ги враќала барателите на азил во Турција.

Треба да знаете
Последни објави