Шолц ги отфрли повиците за брзи мировни преговори меѓу Русија и Украина: „Не можете да преговарате со пиштол на глава“

Германскиот канцелар Олаф Шолц за време на неговото обраќање во Бундестагот по повод годишнината од рускиот напад врз Украина, ја повика Кина да влијае врз Русија за да ја прекине војната.

„Искористете го вашето влијание во Москва за да го забрзате повлекувањето на руските трупи. И не испорачувајте оружје на агресорот Русија“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц.

Шолц го пофали кинескиот претседател Си Џинпинг за „застанувањето на сите закани со нуклеарно оружје во војната во Украина“, што, според него, довело до деескалација на конфликтот.

Но, германскиот канцелар во исто време го изрази своето разочарување од фактот дека за време на последната средба на министрите за финансии на групата Г20, Кина не била подготвена јасно да ја осуди руската агресија како што тоа го направила една година претходно на самитот на Г-20 во Бали.

Во својот говор, Шолц ги отфрли повиците за брзи мировни преговори меѓу Русија и Украина. „Не можете да преговарате со пиштол на глава“, рече Шолц и нагласи дека не смее да има никаков мировен договор што ќе им наштети на Украинците или што ќе биде склучен без одобрение на Киев.

Треба да знаете
Последни објави