Search

Бугарската полиција приведе четири лица осомничени за смртта на мигрантите кои беа пронајдени во камион близу Софија

Бугарската полиција уапси четири лица кои се претпоставува дека се поврзани со смртта на осумнаесетте мигранти кои денеска беа пронајдени во напуштен камион во село близу Софија, јавуваат бугарските медиуми.

Меѓу четворицата приведени е и сопственикот на камионот во кој се пренесувале мигрантите. Тој во моментов е на распит во градот Бургас. Во меѓувреме, истражителите ги претресуваат и домовите на приведените, трагајќи по докази за нивно соучесништво во транспортирањето на групата мигранти.

Еден од четворицата приведени, според истражните власти, веќе бил осуден за трговија со луѓе.

Од камионот во кој се пренесувани мигрантите се земени отпечатоци од прсти и ДНК-траги за да се утврди точно кој управуал со возилото, а со ДНК-преглед ќе се утврди идентитетот на загинатите во камионот, бидејќи повеќето од нив немале документи за идентификација.

-Во моментов работат 10 истражители од Националната истражна служба, обвинители од Обвинителството и вработени во Министерството за внатрешни работи. Зедовме траги, а тоа значи дека ќе дознаеме кој го управувал камионот и кој бил во него. Не се сомневам дека ќе откриеме кои се сторителите на ова злосторство, на оваа канализирачка активност што доведе до смрт на 18 невини луѓе, изјави Борислав Сарафов, заменик-главниот обвинител и шеф на бугарската Национална истражна агенција.

Сарафов информира дека педесетмината мигранти илегално ја преминале границата со соседна Турција и два дена се криеле во шума пред да бидат натоварени во камионот во близина на градот Јамбол во југоисточна Бугарија. Додаде дека со точност е утврдена трасата на камионот од граничното подрачје до местото каде што бил напуштен.

Бугарското Министерство за внатрешни работи претходно денеска информира дека во напуштен камион во бугарското село Локорско во околината на Софија се пронајдени тела на осумнаесет лица, меѓу кои и едно дете.

Камионот, кој бугарските медиуми го нарекоа „камион-ковчег“ бил натоварен со 52 мигранти, за кои се знае дека се од Авганистан. Тие биле набиени во засолниште изградено на дното на возилото. Дел од засолништето не било добро изолирано и во него навлегувале издувни гасови од камионот. Се претпоставува причина за смртта кај осумнаесетмината е задушување.

Во несреќата се повредени 34 други лица меѓу кои и пет деца. Тие биле пронајдени влажни и премрзнати, а некои и боси. Според лекарите, во последните денови најверојатно не јаделе и не земале доволно течности, поради што примаат инфузии.

Треба да знаете
Последни објави