Search

Фан на Ѓоковиќ со тениски топчиња фрлаше по австралиската амбасада

Денеска пред Собранието на Србија во Белград се одржа народен собир за поддршка на Новак Ѓоковиќ, а на кој имаше и повици за преместување на протестот пред зградата на Австралиската амбасада. Таткото на Новак, Срѓан Ѓоковиќ ги одврати од намерата, но вечерва, сепак,  неколку навивачи на Новак Ѓоковиќ се собраа пред австралиската амбасада во Белград.

Тие дојдоа пред зградата во Нов Белград да го искажат својот револт од односот кон најдобриот тенисер на светот од страна на локалните власти, а еден од нив со рекет и тениски топчиња фрлаше кон зградата во која се наоѓа дипломатското претставништво.

На амбасадорот на Австралија во Србија, Даниел Емери денеска му беше брачен вербален протест во Министерството за надворешни работи на Србија поради непримерниот третман на кој во Мелбурн беше изложен најдобриот светски тенисер.
Државниот секретар на Министерството за надворешни работи на Србија, Немања Старовиќ, изрази очекување дека амбасадорот Емери ќе вложи лични напори за да му овозможи на Ѓоковиќ да ја чека судската одлука дали може да остане во Австралија во сместување што е соодветно за спортист од негов ранг.

Според него, Србија не сака на кој било начин да влијае на претстојната одлука на австралиското правосудство, но очекува извршните власти на таа земја, во духот на добрите билатерални односи меѓу Австралија и Србија, а во согласност со нивните надлежности, да дозволи Ѓоковиќ да го помине Божиќ во подобро сместување.

Старовиќ нагласи дека српската јавност има силен впечаток дека Ѓоковиќ е жртва на политичката игра против своја волја и дека бил намамен да отпатува во Австралија за да биде понижен. Државниот секретар Старовиќ истакна дека Новак Ѓоковиќ не е криминалец, терорист или илегален мигрант, туку дека така бил третиран од австралиските власти, што предизвикува разбирливо негодување кај неговите фанови и граѓаните на Србија.

Министерството за надворешни работи на Србија вчера упати писмена нота до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија по повод спречувањето на Новак Ѓоковиќ да влезе во земјата.

Треба да знаете
Последни објави