Search

Украинецот приреди сензација во Лондон: Усик го победи Џошуа по 12 рунди

Украинскиот боксер Александр Усик (19-0-0) дојде до најголемата победа во кариерата! Некогаш најдобар боксер во полутешка категорија го победи Ентони Џошуа по 12 рунди и ја замолкна публиката во Лондон на стадионот на Тотенхем.

Одлични потези, брзина и агилност беа непремостливи пречки за Еј Џеј кој ги загуби своите четири појаси (ВБА, ИБФ, ВБО, ИБО) со овој пораз.

Усик славеше со едногласна одлука на судиите (117-112, 116-112, 115-113).

Oва е шокантна ноќ за него и неговите фанови, но Џошуа нема на што да се пожали. Британецот беше надвор од ритам и декласиран. Почна слабо и влезе во „машината“ на Усик, кој постојано доаѓаше напред и ги мешаше аглите на напад. Џошуа беше побавен – иако очигледно помоќен  и го повреди Усик меколку пати. Но, Украинецот сега е новиот шампион во тешка категорија.

Ова е втор пораз во кариерата на Ентони Џошуа.

Многу се очекуваше од натпреварот помеѓу двата најдобри тешкаши во светот. Усик дојде во тешката категорија со педигре на еден од најдобрите боксери во историјата на лесно-тешката категорија. Сепак, имаше некои сомнежи за Украинецот бидејќи тој е физички помал од вистинските тешкаши, особено некој како Џошуа. Британецот беше осум килограми потежок од Усик, но сето тоа падна во вода кога двајцата денеска влегоа во рингот.

Усик го наметна своето темпо од самиот почеток на борбата, се движеше одлично и по првите три рунди, се чинеше дека Џошуа нема идеја како да ја реши оваа „крстозборка“. Брзите влезови и излези на Украинецот, одличната употреба на аглите, страничните движења, брзината, сето тоа направи големи проблеми за Џошуа, кој исто така беше занишан на крајот од третата рунда.

Помеѓу четвртата и осмата рунда, Џошуа се созема и воспостави одредена контрола и почна да покажува зошто е бранител на четири појаси во тешка категорија. Усик сепак се држеше до својата тактика, но Џошуа го забрза своето темпо, стана поагресивен и добро ги погодуваше предните и задните директи.

Последните четири рунди повторно донесуваат доминација на Усик, особено 11. и12.. Украинецот почувствува дека има многу добри шанси да стигне до најголемата победа во досегашната кариера и агресивно влезе во последните две рунди. Џошуа се обиде да остане активен и ја бараше својата шанса, но Усик беше одличен во доцната фаза од борбата и погодуваше во серијата. Британецот имаше многу проблеми на крајот од борбата. Усик упати серија удари и бараше победа со прекин. Се чинеше дека Џошуа може да заврши на подот во секој момент, но Британецот храбро издржа до крај.

Треба да знаете
Последни објави