Search

Израел го призна Косово за 22 минути по потпишувањето на документот во Вашингтон

Премиерот на Косово Авдулах Хоти изјави денеска дека Израел го признал Косово само 22 минути откако тој и претседателот на Србија Александар Вучиќ се обврзаа во Вашингтон да ги нормализираат економските односи на двете земји.

-Погрешно е кој било да се двоуми дали овој договор го крши суверенитетот на државата Косово. Мислам дека ова признавање кое од Израел стигна 22 минути по потпишувањето на договорот во Белата куќа, само може да го зајакне суверенитетот на државата Косово“, им кажа Хоти на новинарите.

Тој кажа дека „не се сомнева дека договорот ќе биде спроведен“.

-Склучен е во Белата куќа и не верувам дека која било друга канцеларија има поголем кредибилитет да обезбеди спроведување на договорот, наведе Хоти.

Вучиќ и Хоти во петокот во Белата куќа се обврзаа на нормализација на економските односи. Тие во присуство на претседателот на САД Доналд Трамп го потпишаа секој својот примерок на документот наречен „Економска нормализација“. Документите се разликуваат само во последната од 16 точки.

Во документот кој го потпиша Вучиќ, последната точка гласи: „Србија (Белград) се согласува да отвори канцеларија на стопанската комора и државна канцеларија во Ерусалим на 20 семптември 2020 година и да ја префрли амбасадата во Ерусалим до 1 јули 2021 година“.

Во документот кој го потпиша Хоти, последната точка гласи: „Косово (Приштина) и Израел се согласуваат на меѓусебно признавање“.

И покрај тоа, во српската јавност и понатаму трае расправа за тоа дали Србија безусловно се согласила да ја премести амбасадата во Ерусалим до 1 јули 2021 година.

Весникот Тајмс оф Израел јави денес дека Србија нема да го исполни ветувањето за преместување на амбасадата од Тел Авив ако Израел ја призна независноста на Косово, повикувајќи на извор близок на владата во Белград.

Амбасадите во Ерусалим досега ги преместија само две земји, САД и Гватемала.

Најголемиот дел од меѓународната заедница не го признава Ерусалим за главен град на Израел и смета дека таквото признавање мора да биде дел од решението за повеќедеценискиот израелско-палестински судир според моделот на две држави. Според тој модел, источен Ерусалим би бил главен град на идната палестинска држава.

Со Резолуцијата 478 на Советот за безбедност на ОН од 1980 година сите членки на светската организација се повикуваат да ги повлечат дипломатските претставништва од Ерусалим.

Треба да знаете
Последни објави