Search

Се растура владината коалиција во Косово, ЛДК бара гласање на доверба за Курти

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) Иса Мустафа, по вечерашната вонредна седница на партиското раководство, соопшти дека ќе иницира во Собранието гласање за доверба на премиерот Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Во неговото обраќање пред новинарите, Мустафа како главни причини поради кои се одлучи на растурање на коалицијата со Движењето Самоопределување (ВВ), ги наведе ставовите на премиерот и лидер на ВВ Албин Курти во однос на барањата на Соединетите Американски Држави за укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина и денешната одлука на премиерот за разрешување на министерот за внатрешни работи Агим Велиу, кој е од редовите на ЛДК.

– Не можеме да дозволиме натамошно расипување на односите со најзначајниот сојузник на Косово, Соединетите Американски Држави, кои ни помогнаа во ослободувањето на земјата, прогласувањето на независноста и развојот на демократијата, изјави Мустафа.

Како пример за незадоволството на официјален Вашингтон кон однесувањето на оваа влада, Мустафа го нагласи фактот дека за прв пат во историјата на независно Косово САД воведоа санкции, со тоа што ги укинаат донациите во висина од над 220 милиони долари од нивната Корпорација на милениумскиот предизвик.

Во врска со денешното разрешување на Велиу, лидерот на ЛДК рече дека Курти го прекрши договорт за формирање заедничка влада, според кој „министрите можат да се разрешат од премиерот по консултација со претседателот на субјектот со кој е направена коалицијата, врз основа на образложение кое ќе го прифати претседателот на ЛДК”.

– Ја анализиравме актуелната ситуација во земјата предизвикана од ризикот за расипување на односите со САД, како резултат на неукинување на таксата, иако тоа постојано се бара од нашите сојузници. Исто така го расправивме и проблемот кој денеска се изроди со разрешувањето, спротивно на договорот за заедничко владеење, на министерот Велиу. Вечерва одлучивме ЛДК да иницира гласање за недоверба и за уривање на владата на Курти, изјави Мустафа.

Курти денеска го разреши Велиу поради несогласување со неговите ставови во однос на кризата предизвикана со епидемијата на коронавирус.

Во соопштението кое кабинетот на премиерот го достави до медиумите, се вели дека Велиу синоќа се изјасни против ставот на премиерот во врска со намерата на претседтелот на државата Хашим Тачи да се прогласи вонредна состојба во земјата поради коронавирусот. Освен тоа, Курти го обвинува првиот човек на полицијата дека со тоа што синоќа на телевизијата Клан Косова изјави оти „заразата се шири од час во час”, иако тоа не е точно, предизвикува паника кај народот.

Треба да знаете
Последни објави