„Стандард и Пурс”: Албанската економија под закана од недостиг на инвестиции

Агенцијата „Стандард и Пурс” ја предупреди албанската Влада дека треба под итно да ја подобри деловната клима во земјата,  бидејќи економијата е под закана од пад на инвестициите.

Во својот последен извештај за проценка, агенцијата наведува дека малиот број инвестициски проекти што се на видик создале ризици за албанската економија и оти ќе го забават економскиот раст во земјата.

„За периодот 2020-2023 година предвидуваме дека албанската економија ќе расте просечно за 3,5 проценти на годишно ниво. Но, оваа прогноза е загрозена од падот на инвестициите и забавувањето на економскиот раст во земјите партнери, како Грција и Италија, се наведува во извештајот, пренесува Топ чанел.

Минатата година, вкупните инвестиции во албанската економија од страна на приватниот сектор и државниот буџет изнесувале 23,4 проценти од бруто националниот производ.

Но, според предвидувањата на „Стандард и Пурс”, инвестициите во следните четири години ќе бидат во постојано опаѓање, па во 2023 година ќе изнесуваат 19,9 проценти. Овој пад во најголем дел се должи на завршувањето на две големи инвестиции, гасоводот „ТАП” и каскадата на реката Девол, а во меѓувреме нема друг проект за нивна замена.

Експертите на „Стандард и Пурс” посочуваат дека единствениот начин албанската економија да излезе од оваа стапица е подобрување на деловната клима за привлекување повеќе странски инвестиции.

Ова, предупредува агенцијата, ќе биде клучно за економската перспектива на Албанија и зголемувањето на приходите за граѓаните.

Треба да знаете
Последни објави