Русковска лично на седницата на Советот на која се одлучува за Јанева

Пред малку почна седницата на Советот на јавни обвинители, на која ќе се дискутира за вмешаноста на Јанева во случајот „Рекет“.

Советот треба да утврди дали има елементи за разрешување на Јанева врз основа на барањето за притвор од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Во Советот пристигна и шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, со цел пред членовите на Советот да образложи зошто Јанева е осомничена.

Седницата ќе биде затворена за јавност.

Претседателот на Советот, Коле Штерјев, на влегување во зградата рече дека не сака да го коментита исходот од седницата.

Советот може да почне постапка за разрешување на Јанева врз основа на констатација за незаконито, нестручно и несовесно вршење на функцијата (член 18, Закон за СЈО). Ако Советот одлучи да ја разреши Јанева со мнозинство гласови, изготвува Извештај, кој го праќа на одобрување во Собранието. Потоа Собранието го враќа Извештајот за разрешување на финално одлучување во Советот.

Штерјов, минатата недела соопшти дека до нив е доставен извештајот, но оти не се комплетирани списите за активностите што се преземени во предистрагата и истрагата за случајот во кој е осомничена и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Штерјов смета дека не може да се назначи в.д специјален обвинител без да и истече мандатот на Јанева.

Мандатот на Јанева истекува на 15 септември.

Според републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, пак, Советот на јавни обвинители е тој што треба да решава и за местото прв човек на СЈО. Тој се повикува на Законот за јавното обвинителство каде во ваков случај треба да реагира Советот и да назначи вршител на должноста. Тоа, според него, би значело дека замена на Јанева би била некоја од нејзините колеги или колешки.

 

 

 

 

Треба да знаете
Последни објави