Фирмите на суд ако на муштериите не им ги вратат купените гаќи

Фирмите ќе мора повеќе да ги почитуваат потрошувачите и нивните права, да го почитуваат законскиот рок на враќање на производот и гарантниот рок, а потрошувачите ќе имаат инструменти за брзо решавање на споровите кои ги поведуваат ако се незадоволни од трговците. Исто така ќе се работи на понатамошен развој на политиката за безбедност на производите. Ова се само дел од измените кои ги носи новиот Предлог законот за заштита на потрошувачи. 24 инфо дојде до детелите од законот кој допрва треба да влезе во собраниска процедура. Во исто време, пред да се донесе Законот, треба да се усогласи со новиот предлог на Законот за прекршоци. Ова практично ќе значи дека доколку купите долна облека на пример и не ви се допаѓа или не ви одговара големината, трговецот е должен да ви ја врати во законски утврдениот рок. Ако сепак не го испочитува Законот, ќе одговара прекршочно.

Во Министерството за економија велат дека Предлог законот за заштита на потрошувачите е во финална фаза и за кратко ќе биде достапен за сугестии и коментари.

-По однос на законот се одржаа повеќе јавни расправи, како во рамките на работната група  формирана за законот и составена од надлежни институции, така и со преставници од Стопанската комора. Во очекување сме на нивните конечни забелешки, со што ќе се исполнат предусловите да се отпочне Владината процедура, со доставување на Законот на официјално  мислење  до државните органи и инспекциите и прикачување на ЕНЕР. По однос на Предлог  Законот за заштита на потрошувачите, Ве информираме дека  со одредбите од овој закон се врши усогласување со повеќе директиви – велат во ресорот.

Од таму објаснуваат дека новиот Предлог закон за потрошувачи ќе усогласи со новиот предлог на Законот за прекршоци во Собраниска процедура пред објавување.

– Цели на предлог регулативата се подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, обезбедување на потрошувачите со инструменти за брзо решавање на споровите и подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот. Исто така Законот ќе овозможи понатамошен развој на политиката за безбедност на производите и зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите- Стои во новиот Закон. Во исто време со новите законски измени ќе има зајакнување на улогата на локалната и регионалната самоуправа во реализација на политиката за заштита на потрошувачите.

Со новиот Предлог закон кој се усогласува со директивите на Европската Унија се уредуваат одредби со кој се овозможува примена на ервропското право во областа на заштитата на потрошувачите, а воедно и појасно дефинирани обврски кои треба да ги исполнат трговците и правните лица  спрема потрошувачите. Предложените решенија ќе придонесат: да се креира модерна законска рамка, којa, од една страна обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено гарантира полесни услови за деловно работење; да се воспостави ефикасна  административна структура за развој и координација на оваа политика со сите други засегнати страни, да се зајакне независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите, да се подобрат механизмите за поддршка на  потрошувачите за решавање на  нивните приговори и да се обезбедат адекватни услови за имплементација на политиките за безбедност на производи, се со цел да се постигне понатамошен напредок во оваа област.

Со овој закон се овозможува и намалување и на казнените одредби согласно новиот Закон за прекршоци, се уредува попрецизно и улогата на организациите на потрошувачи и воедно и на Советот на потрошувачите како на национално и така и на локално ниво.

Валентина Ангеловска

Треба да знаете
Последни објави