Косово: Во 2018 година повеќе убиства и грабежи, помалку тешки кражби

Директорот на Полицијата на Косово, Рашит Ќаљај во својот годишен извештај пред собраниската Комисија за внатрешни работи, безбедност и надзор врз Безбедносните сили на Косово, информира дека, во однос на кривичните дела, во 2018 година е зголемен бројот на убиства споредено со претходната година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ќаљај информира дека во 2018 година се случиле 32 убиства, додека една година претходно имало пет помалку, односно 27 убиства.

Бројката на општи грабежи, според него, е зголемена, додека тешки кражби имало помалку. Вкупно грабежи и кражби во 2018 година се евидентирани 297, што е за седум повеќе отколку во 2017 година.

– Бројот на уапсени минатата година беше помал од претходната. На полето на организираниот криминал и стопанскиот криминал забележавме значителни успеси. Во истрагите за трговија со луѓе имавме поголемо ангажирање, а во поглед на откривање на наркотици уапсени се 2.061 лице. На полето на корупцијата отворени се истраги за 533 случаи, конфискувани се и куќи, земјиште и парични средства. Намалена е и бројката на спречувања на терористички дејствија, информира Ќаљај.

Кога се во прашање сообраќајните несреќи, нивната бројка во 2018 забележала намалување, меѓутоа ситуацијата, според Ќаљај, е далеку од посакуваната, бидејќи статистиките не ја одразуваат реалната состојба во сообраќајот.

Треба да знаете
Последни објави