Search

„Металург“ немоќен против „Силкеборг“

„Металург“ загуби 29:33 од „Силкеборг“ во натпревар од деветтото коло на групната фаза на Лигата на шампионите. Данскиот тим и лидер на табелата во групата, ја оправда фаворитската улога и целиот натпревар ја имаше контролата на резултатот не дозволувајќи им на младите „металурзи” да ја загрозат победата.

Видовме уште еден натпревар во кој македонскиот вицешампион не се посрамоти, ниту беше надигран, па сепак забележа нов, осми пораз во тековната сезона. Всушност, средбата ја реши нашиот лош почеток, кога во текот на првите шест минути не постигнавме ниту еден гол, а примивме четири. Првото полувреме заврши со резултат 12:15 во полза на гостинскиот тим.

Многу слично се играше и во вторите 30 минути во кои најпрво Металург во неколку наврати се доближи на растојание од два гола, а потоа дојде период во кој „Силкеборг“ ги достигна своите највисоки седум гола предност. Завршницата од средбата им припадна на нашите ракометари, кои ја преполовија предноста на Силкеборг, за конечни 29:33.

Ова беше последен домашен натпревар на „Металург“ во тековната сезона на Лигата на шампионите, а последениот натпревар ќе го одиграат во Прешов против „Татран“.

РК Металург – Силкеборг 29:33 (12:15)

РК Металург: Томовски, Даниловски, Арсеновски 1, Димитриоски, Јагуриноски, Лазаревски 1, Маџовски 2, Миличевиќ 4, Пучник 1, Рибеиро 7, Серафимов 1, Шилегов, Шпенде 8, Стојановиќ, Танкоски 3 и Токиќ 1. Седмерци: 4/4. Исклучувања: 8 минути.

Силкеборг: Хансен 6, Кнудсен 3, Ларсен, Ласен 8, Маркусен 6, М.Нилсен 2, Н.Нилсен 2, Нодесбо 5, Педерсен, Плугструп, Резар, Скубе, Јенсен 1 и Томсен. Седмерци: 1/2. Исклучувања: 6 минути.

Судии: Денис Болиќ и Криштоф Хурич од Австрија.

Треба да знаете
Последни објави