
Тринаесетгодишното дете кое беше избодено со нож во тепачка во скопски Чаир се наоѓа во критична здравствена состојба, откако при нападот се здобило со убодна рана во пределот на срцето.
Министерот за здравство Сашо Клековски утрово, на прес-конференција, ја потврди сериозноста на состојбата на детето и нагласи дека лекарите прават сè што е во нивна можност.
„Убод во срце, критично е. Нашите мисли се со него, но веќе медицината нема многу што може да направи“, изјави Клековски.
Тешкиот инцидент се случи на улицата „Македонско-косовска бригада“ во скопската општина Чаир, каде што дошло до физичка пресметка во која, според досегашните информации, учествувале пет лица – четворица малолетници и едно полнолетно лице.
Во тепачката биле употребени ножеви и безбол-палки, а најтешко било повредено 13-годишното дете.
Според досегашните сознанија од истрагата, еден од малолетниците, роден во 2012 година, признал дека за време на пресметката користел нож. Сепак, форензичката анализа треба да утврди дали токму со тој нож му била нанесена тешката повреда на 13-годишното дете.
Неговиот брат, роден во 2007 година, според досегашните информации, одбива да даде исказ за настанот.
Полицијата продолжува со преземање мерки за целосно расчистување на случајот и утврдување на улогата на секој од учесниците во пресметката.
Се подготвува кривична пријава за обид за убиство, додека конечната правна квалификација на делото ќе ја утврди надлежното јавно обвинителство.
Истрагата треба да ги утврди сите околности под кои дошло до тепачката, како и кој го нанел убодот поради кој 13-годишното дете во моментов се наоѓа во критична состојба.


