Search

Хуманитарни акции за Клиниката за детски болести

По повод „Светскиот конгрес на претприемачи (СКП) 2019″ што се одржува во главниот град од денеска до 18 октомври годинава, сите учесници, компании и новинари ќе можат да се вклучат во хуманитарните акции наменети за Универзитетската клиника за детски болести – Скопје.

Ова на денешната прес-конференција го соопшти Винко Чуро, претседател на Управниот одбор на Меѓународниот бизнис форум со седиште во Дубровник. Главен организатор на „Светскиот конгрес на претприемачи” е Меѓународниот бизнис форум, кој е и иницијатор на акциите.

– Донаторска гала вечера ќе се одржи утревечер во хотелот „Мериот” во присуство на околу 160 гости. Сите гости во име на своите компании, како и други институции и организации што ќе бидат присутни, по потпишување на одредени донаторски изјави ќе можат да донираат за децата што се лекуваат на Универзитетската клиника за детски болести – Скопје, рече Чуро. Донаторите ќе ги уплаќаат средствата на сметката на болницата, а ние, како што рече, се обврзавме до крајот на месецов да објавиме податоци за тоа колку средства се собрани.

По завршувањето на конгресот и донаторската вечера, активностите ќе продолжат со тоа што студентите од Машинскиот факлултет во Скопје и студенти од други факултети ќе продаваат разгледници по симболична цена од едно евро или 100 денари.

Акцијата ќе трае се додека не се продадат сите 1.800 разгледници, колку што се испечатени како донација од печатницата „Киро Дандаро” – Битола. Средствата што ќе се соберат од продажбата на разгледниците ќе бидат уплатени на жиро-сметката на Детската клиника. Средствата се наменети исклучиво за децата.

Професорката Светлана Кочева од Универзитетската клиника за детски болести – Скопје и Билјана Пецевска, главна сестра на оваа Клиника, изразија благодарност. Сметаат дека секоја поддршка е добредојдена и сето тоа ќе влијае за подобро и поуспешно лекување на пациентите.

Треба да знаете
Последни објави