Search

Франција ја прогласи 2022 година за најжешка година досега

Оваа година во Франција беше најтопла откако се регистрирани мерења, објави националната метеоролошка служба. Со оглед на континуираното глобално затоплување, информацијата изненади малкумина.

Во Франција годинава, од мај до октомври, имаше неколку топлотни бранови и екстремни настани како шумските пожари во Бретања. Високите температури му нанесоа штета и на живиот свет во Средоземното Море.

„Со исклучок на јануари и април, сите месеци оваа година беа потопли од вообичаеното“, објави „Метео Франс“.

Се проценува дека просечната температура годинава ќе биде меѓу 14,2 и 14,6 степени Целзиусови, во зависност од тоа какви ќе бидат температурните вредности во декември.

Тоа е значително повеќе од претходниот рекорд, 14,07 степени од 2020 година. Годишните врнежи се очекуваат да бидат 25 отсто под нормалата, што би можело да биде најсушната година досега.

На глобално ниво, доколку се потврдат проекциите на ОН, секоја од последните осум години би требало да биде потопла од која било пред 2015 година.

Просечната температура на Земјата е за 1,1 степен повисока отколку на крајот на 19 век, а половина од тоа зголемување се случило во последните 30 години, објави во ноември Светската метеоролошка организација.

Треба да знаете
Последни објави