Search

Се разгледува можноста Грција и Кипар повторно да се поврзат со редовна бродска линија

– По 20 години пауза, се разгледува можноста одново да се воведе бродска линија што ќе ги поврзе Грција со Кипар, тема за која со министрите за поморство и туризам на Грција, разговараше заменик министерката за поморство на Кипар на средбите во Атина, а кипарскиот весник „Филелефтерос” открива детали за морското поврзување на двете земји, јави дописничката на МИА од Атина.

Кипар очекува одговор од Европската комисија за грант од пет милиони евра годишно за три години за одново да се воведе линијата, па очекувањата се дека околу Велигден би започнал процесот на доставување понуди од компаниите, а на лето би се потпишал договорот, па потоа да тргне и првиот брод.

Според весникот, морската линија би била од Ларнака или Лимасол на Кипар, до атинското пристаниште Пиреас, еднаш седмично за периодот од мај до септември и два пати месечно за останатите месеци, со можност за попатни станици на островите Родос или Крит.

Заменик министерката за поморство на Кипар, Натаса Пилиду , планот за морската линија им го презентираше на нејзиниот грчки колега Јанис Плакиотакис, како и на министерот за туризам на Грција, Харис Теохарис, за време на нивните средби во Атина.

Според грчкото Министерство за туризам, на средбата била истакната важноста на морското поврзување за зајакнување на туризмот .

Додека пак министерот за поморство на Грција, на одделната средба со кипарската министерка истакнал дека морското поврзување е стремеж и на двете страни и додал дека Атина е подготвена да помогне во постигнувањето на целта.

Двете земји, според „Филелефтерос”, за прв пат бродски се поврзале во 1960 година, а линијата ги поврзувала пристаништата од Кипар, Грција, Израел, Либан и Египет. Во 2000 година, бродскиот сообраќај бил прекинат бидејќи линијата била економски непрофитабилна компаниите поради намалениот број патници.

Треба да знаете
Последни објави