Search

Претседателот Пендаровски во посета на Њу Џерси

Претседателот Стево Пендаровски во рамки на работната посета на Соединетите Американски Држави, по повод учеството на Генерално Собрание на Обединетите Нации, вчера го посети Њу Џерси.

Во придружба на сопругата, Елизабета Ѓоргиевска, претседателот Пендаровски го посети училиштето за деца со попреченост „Џеси Џеј Каплан”, каде што се запознаа со организацијата, методите и работењето на училиштето во кое се комбинирани високо образовни стандарди, медицински сестри и терапии, со цел учениците со попреченост целосно да ги остварат своите потенцијали. На средбата со раководството на училиштето беше разговарано за важноста од инклузивното образование, состојбата и можностите во однос на обезбедување на соодветни и стимулативни средини за образование на децата со попреченост. 

Во Њу Џерси претседателот Пендаровски ја посети и компанијата „Фаст Пек Трејдинг”, во сопственост на Иванчо Ивановски, при што беше запознаен со функционирањето и развојот на компаниите, соработката што ја остваруваат и условите за работа во американското општество.

Претседателот Пендаровски оствари средба со истакнати припадници на бизнис заедницата и македонската дијаспора од Њу Џерси, како и средба со македонски професионалци од Њујорк, на коишто беше запознаен со нивните тековни активности и учеството во општествениот, економскиот, културниот и политичкиот живот на САД.

Во разговорите со нив, претседателот Пендаровски истакна дека нашата држава е горда на успесите на македонската заедница во САД.  Тој посочи дека како етаблирани членови на американското општество, претставниците на македонската дијаспора, имаат значајна улога во унапредувањето на севкупните билатерални односи, застапување на интересите и афирмација на нашата држава.

Треба да знаете
Последни објави