Search

Повеќе од половината Грци сметаат дека е веројатен инцидент со Турција

Повеќе од половина анкетирани Грци, односно 54,6 отсто, сметаат дека во следните 12 месеци е „многу” или „доста” веројатно да се случи инцидент меѓу Грција и Турција, според истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „MRB” за грчката телевизија „Стар”, јави дописничката на МИА од Атина.

За решавање на разликите меѓу Грција и Турција, 42,6 отсто од анкетираните, смета дека најсоодветно решение е тужба до Меѓународниот суд во Хаг, а речиси тројца од 10 испитаници (28,8 проценти), одговориле „директен дијалог меѓу двете земји”.

Одлуката на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, да ја предложи Екатерини Сакеларопулу за претседателка на земјата, 55,5 отсто од анкетираните ја оценуваат како „многу добра” или „доста добра”, а позитивен е ставот на граѓаните и за формирањето на Министерство за миграција и азил.

Во однос на распоредот на силите меѓу политичките партии, според резултатите од анкетата, владејачката Нова демократија е прва со 33 отсто, 13 проценти повеќе од опозициската СИРИЗА, која добива 20 отсто.

44,2 проценти од испитаниците рекле дека Кирјакос Мицотакис е соодветен за премиер, 24,5 отсто го избрале лидерот на опозицијата Алексис Ципрас, а 25,1 проценет на прашањето „кој од двајцата е посоодветен за премиер” одговориле „никој од двајцата”.

Треба да знаете
Последни објави