Search

НСП на протест ќе бара покачување на плати и нови колективни договори

Итно донесување на колективни договори и покачување на плата за 25 отсто на секој вработен во полицијата бара Независниот синдикат на полиција (НСП). Како што посочи денеска претседателот на НСП, Гоце Делчев, Синдикатот за исполнување на овие барања ќе протестира на 2 октомври годинава и ќе блокира седум крстосници низ Скопје.

– Бараме да се донесе нов колективен во полицијата што ќе е компатибилен со реалната состојба на синдикалното организирање и делување во МВР, донесување на посебен колективен договор за вработените во затворска полиција, за вработени во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, вклучувајќи и сектор на шумска полиција и отпочнување на колективен договор во судска полиција. Клучот на се ќе биде барање од НСП за покачување на плата за 25 отсто на секој вработен во која било полиција кој има овластување, носи унифоирма, и е по основ униформирано полициско лице, рече Делчев.

Тој појасни дека изминативе три години им било ветувано оти ќе има нов колективен договор во полицијата и посебен колективен договор за шумска, судска и затворска полиција, но како што рече, од сето тоа уште нема ништо.

Претседателот на НСП додаде дека протестот што го подготвуваат еден месец е од меѓународен синдикален карактер, затоа што имаат поддршка од полициските синдикати од други држави од Европската Унија.

– Полициски службеници од туѓи држави, односно од државите во Европската Унија, ќе протестираат за оние полициски службеници кои се плашат, кои имаат притисок од страна на началници, на големите политички структури кои изминатиот период покажаа и докажаа дека се против влез на нашата држава во Европската Унија. Јас лично видов и се уверив дека од Република Словенија сме сто години наназад во поглед на работењето во полиција, рече тој.

Делчев посочи и дека еден директор од јавна институција сега преминал да работи во МВР како виш полициски советник.

– Добивме нов работник во полицијата, кој беше директор во една јавна институција. Тој зазема работно место на некој што со години чекал да дојде во ситуација да аплицира за тоа работно место и да има унапредување. На овој начин полицијата е политизарана и не е согласно европските стандарди и норми. Ниту јас, ниту пак Синдикатот се додека постои, нема да дозволиме никој повеќе да не лаже. Затоа барам од МВР веднаш да одоговори на овие наши барања, рече Делчев.

Треба да знаете
Последни објави