Skip to main content
Македонија

Кривична пријава против двајца за злоупотреба на службената положба во обезбедувањето на културниот локалитет „Плаошник“

29/10/2024  17:31

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.А. (49) од Скопје и Џ.Б. (54) од Кичево, поради основано сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „несовесно работење во службата“, соопштија од полицијата.

А.А., во својство на в.д. директор на Управата за водење на културно наследство во Скопје, се товари дека со пропуштање на должен надзор и без да изврши контролa на локалитетот „Плаошник“ во Охрид, свесно овозможил противправна имотна корист во вредност од 4.926.250 денари. Сомневањата укажуваат на тоа дека А.А. не ја проверил работата на избраната агенција за обезбедување имоти и лица од Кичево, која, според договорот, била задолжена за физичкото и техничкото обезбедување на локалитетот.

Второпријавениот, Џ.Б., кој е одговорно лице во агенцијата, не постапил според склучениот договор и не ги исполнил предвидените технички услови, ангажирајќи помал број на вработени. Исто така, не се придржувал на законските обврски за приватно обезбедување, што подразбира дека секој вработен треба да поседува соодветна лиценца и легитимација.