Search

Гренел до Тачи: Прогресот во односите со Србија подразбира укинување на таксата

Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Германија и специјален пратеник на претседателот Доналд Трамп за дијалогот меѓу Косово и Србија Ричард Гренел, кој допатува синоќа во Приштина, му порача на косовскиот претседател Хашим Тачи дека очекуваниот прогрес во односите со Србија подразбира укинување на таксата од 100 отсто на српскиот увоз, јави дописникот на МИА од Приштина.

По синоќешната вечера со американскиот дипломат, Тачи во порака на својот Твитер ја нагласи потребата од итно продолжување на дијалогот со Белград и постигнување конечен договор меѓу двете земји.

– Имав плодна средба со Ричард Гренел на која дискутиравме за дијалогот меѓу Косово и Србија. Му се заблагодарив за посетата и за посветеноста на овој процес. Нагласив дека е потребно итно продолжување на дијалогот и дека улогата на претседателот Доналд Трамп во постигнувањето конечен договор е неопходна, напиша Тачи.

Во коментар на твитот на Тачи, американскиот дипломат ја нагласи потребата од укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, која пред нешто повеќе од една година ја воведе премиерот, сега во оставка, Рамуш Харадинај.

– Благодарам господине Претседателе. Треба да постигнеме напредок – кој подразбира укинување на таксите, порача Гренел.

Американскиот дипломат во текот на денешниот ден ќе има официјални средби со државните и политичките челници во Приштина, по што ќе отпатува за Белград, каде што утре претпладне ќе се сретне со претседателот на Србија Александар Вучиќ. 

Треба да знаете
Последни објави