Search

„Господин Мол и фабриката за чоколадо“- најдобро измонтиран филм на „Синематик“

Монтажерот Каја Инан на швајцарскиот детски филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ е добитник на наградата „Златен рез“ за најдобра монтажа  на 3.издание на „Синематик“, кој заврши синоќа. Од шесте филма што беа на програмата на фестивалот, жирито во состав: Сандра Ѓоргиева, Гоце Кралевски и Мартин Иванов, одлучија наградата да ја добие Швајцарецот со турско потекло Инан.

– Чест ми е да бидам член на жирито. Имавме тешка задача да избереме кој да биде најдобар, затоа што сите беа навистина одлични, но сепак, моравме да избереме еден. Монтажата во филмот „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ тотално одговара на жанрот на филмот и константно ве води низ авантурите со прецизен тајминг за сѐ – рече Ѓоргиева.

Добитник на наградата за животно дело за придонес во светската монтажа е Николас Гастер, човекот кој монтирал култни филмови закитени со Оскари, Глобуси и други награди, а голем печат има оставено и врз македонската кинематографија. Негова е монтажата на: „Пред дождот“, „Прашина“, Како убив светец“, „Жената што си ги избриша своите солзи“, „Ослободување на Скопје“. Поради работен ангажман, Гастер не можеше да дојде во Скопје.

Фестивалот „Синематик“ и годинава го организираше Асоцијацијата на филмските професионалци на Македонија. Нејзиниот претседател, Љупчо Тодоровски-Упа истакна дека здружението веќе брои 198 члена.

-153 од овие членови работат зад камерата. Токму еден дел од нив ги славиме во овој фестивал. Се плашам дека немам што многу да кажам во ситуација кога нашето здружение и овој фестивал, „Синематик“ за жал годинава не доби средства од Агенција за филм. Сметам дека некои вистини треба да се кажат. Сами го направивме. Благодарноста од македонската култура очекувам да ја добиеме за десетина години – истакна Тодоровски.

 

Треба да знаете
Последни објави