Search

Во сенка на коронавирусот, скромно одбележан националниот празник на Грција

Наместо со традиционалната воена парада, поради коронавирусот, националниот празник на Грција, 25 март, годишнината од востанието против Отоманската империја, денеска беше одбележан скромно, на неколку минутна манифестација пред грчкиот Парламент, без публика, а во присуство на Претседателката на земјата, на Премиерот и Претседателот на Парламентот, неколку лидери на политичките партии,јави дописничката на МИА од Атина.

Претседателката на Грција, Екатерини Сакеларопулу, положи цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент, беше интонирана грчката химна, додека прелетуваа четири воени авиони Мираж и шест хеликоптери од грчката армија.

Целата свеченост на која присуствуваа и грчкиот Премиер Кирјакос Мицотакис, лидерите на СИРИЗА, Комунистичката партија и Движење на промена, Претседателот на Парламентот и Началникот на Генералштабот на армијата, сите на потребното превентивно растојание меѓу нив, не траеше повеќе од пет минути.

Паралелно, празникот беше одбележан и на граничниот премин „Кастањес” кон Турција, со подигање на грчкото знаме и прелетување на пар воени авиони Ф-16.

Ф-16 прелетаа над сите делови на Грција, а еден од пилотите испрати порака до граѓаните, велејќи дека земјата од сите тешкотии излегувала посилна, а истото ќе се случи и сега.

-Гркинки и Грци, сите заедно, обединети да продолжиме да им даваме значење на жртвите на нашите предци. Во 199-те години од востанието во 1821 година, што денес го одбележуваме, Грција имаше многу славни моменти, но се соочи и со многу тешкотии. Секогаш излегуваше посилна, тоа ќе се случи сега. За многу години на сите нас. За многу години Грција, рече пилотот.

Треба да знаете
Последни објави