Search

Одржана редовната седница на Советот на Народната банка

Советот на Народната банка, на редовната седница одржана на 25 април 2024 година, го усвои Годишниот извештај на Народната банка за 2023 година, во кој се наведува дека мерките и политиките на Народната банка спроведениминатата година, овозможија успешно одржување на стабилноста на девизниот курс и справување со инфлацијата, којашто од највисокото ниво од 19,8% во октомври 2022 година, се сведе на 3,6% на крајот на 2023 година, без притоа позначително да се загрози реалната економија  и финансиската стабилност. Всушност финансиската стабилност и дополнително зајакна и покрај последователните кризи во изминатиов период. 

Во 2023 година Народната банка продолжи со постепено зголемување на основната каматна стапка до нивото од 6,3%, а истовремено направи и промени во макропрудентната политика, како и кај инструментот на задолжителна резерва, кои дополнително го поттикнаа штедењето во домашната валута, односно доведоа до поголема „денаризација”. Начинот на водењето на монетарната политика од страна на Народната банка, одржувањето на финансиската стабилност, како и довербата на граѓаните и на институциите во нашата централна банка  беа позитивно оценети од страна на повеќе релевантни меѓународни и европски институции како што се Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Европската комисија, Европската централна банка (ЕЦБ), како и Светската банка.

Дел од активностите на Народната банка во 2023 година беа насочени во области кои носат погодности за граѓаните како корисници на банкарските услуги. Со стапувањето на сила на Законот за платежни услуги и платни системи, се поттикнува влез на нови даватели на платежни услуги, што ќе придонесе за поширока понуда на поевтини платежни услуги за граѓаните и компаниите, а се уредуваат и повеќе решенија за подобра заштита на потрошувачите, преку поставување насоки и ограничувања за надоместоците за платежните услуги, основната сметка со платежни функции, како и поголема транспарентност.  Народната банка воспостави и нова алатка која овозможува споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги, а исто така за прв пат донесе и Циркулар којшто ги опфаќа добрите практики за заштита на правата и интересите на потрошувачите при користењето финансиски услуги од банкарскиот сектор. Исто  така, Народната банка започна со таргетирани контроли на давателите на платежни услуги во насока на заштита на корисниците на финансиските услуги.

Минатата година се засилуваше и колективната свест кон спроведување одржливи економски политики насочени кон екологијата. За таа цел, Народната банка го усвои првиот Среднорочен план на активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските промени за периодот 2023 ‒ 2025 година, со што се постави сеопфатна рамка за управувањето со ризиците од климатските промени, којашто предвидува повеќе активности во областа на регулативата и супервизијата за климатските ризици, вклучително и стрес-тестирања на домашните банки поврзани со климатските промени. Како дел од активностите од Планот, Народната банка донесе и Насоки за управување со ризиците поврзани со климатските промени, коишто деловните банки ќе ги земат предвид при формулирањето и спроведувањето на својата деловна стратегија и во процесот на управување со ризиците.

Во 2023 година беше донесена и Финтек-стратегијата за финансиските регулатори, во која се содржат препораки за координиран пристап на регулаторите, со цел да се трасира патот за ползување на придобивките од развојот на иновациите на финансиите, коишто се повеќекратни.

Треба да знаете
Последни објави