Search

Владата одлучи: По 5.500 денари за секој поминат ден во затвор за осудените во Сопот

На вчерашната седница Владата ја разгледа и ја усвои Информацијата за судскиот предмет 19П4-939/18, во јавноста почнат како случај „Сопот“ и можноста за спогодбено решавање и исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда доставен до Државното правобранителство.

Притоа Владата даде согласност и го задолжи Државното правобранителство на Република Македонија да склучи судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој случај по тужба на тужителите, сите од село Сопот.

Тоа значи исплата на надомест на штета на лица поради неоправдана осуда за секој ден поминат во притвор, домашен притвор или затвор по 5.500 денари и да ги надомести трошоците во постапка на тужителите во висина утврдена од страна на судот.

Владата исто така, го овласти Државниот правобранител за подрачје Скопје, Зоран Петковски да потпише спогодба за судско порамнување пред Основниот суд Скопје 2 Скопје за овој судски предмет.

Специјалното јавно обвинителство се откажа од обвинителниот акт за случајот „Сопот“, бидејќи според деталните анализи што ги направило ова Обвинителство не постојат докази дека обвинетите го сториле делото за кое се товарат.

Случајот „Сопот“ е од 2003 години, кога двајца полски војници и еден македонски државјанин загинаа, откако теренско возило на НАТО нагази на мина на локалниот пат Сушево – Сопот. Во овој случај десет лица беа осудени за тероризам. Тие се товарат дека подметнале експлозивна направа на локалниот пат Сушево – Сопот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, лани во јули го предаде предметот на СЈО, откако во јавноста беа објавени разговори на владини функционери поврзани со случајот.

Треба да знаете
Последни објави