Search

Вашингтон до косовските лидери: Избегнувајте го говорот на омраза кон Специјалниот суд

Висок претставник на американската Влада ја потврди поддршката на Вашингтон за работата на Специјалниот суд за Косово и ги повика косовските лидери да се воиздржат од употреба на јазик на омраза кон Судот, бидејќи, според него, иднината на Косово зависи од нивното однесување кон таа правна институција, пишува приштинскиот портал „Инсајдери”.

Претставникот на Стејт Департментот, кој побарал да остане анонимен, порача дека САД даваат целосна поддршка на работата на Судот, без оглед на тоа кој од поранешните припадници и команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) може да биде обвинет.

Тој, како што јави дописникот на МИА од Приштина, изрази уверување дека Судот, чие седиште е во Хаг, нема да потпадне под влијание на политичките околности или други надворешни фактори.

– Позицијата на САД во однос на Специјалниот суд е непроменета: Ние го поддржуваме неговиот мандат и ја поттикнуваме целосната соработка според неговите упатства, изјави претставникот на Вашингтон, додавајќи дека нема воопшто идеја против кого и кога може да се покренат евентуални обвиненија за воени злосторства од страна на ОВК.

Американскиот претставник ја поздрави досегашната соработка на осомничените со меѓународниот суд.

– Бев охрабрен кога видов дека некои индивидуи веќе ги прифатиле поканите за да разговараат со судот. Секој кој ќе биде повикан од Специјалниот суд да замине во Хаг треба да го стори тоа, независно од позицијата која ја има, односно од политичкиот или општествениот статус, изјави изворот на „Инсајдери”.

Тој ги повика косовските лидери да ја избегнуваат подбуцнувачката реторика кон судот и да ја убедат јавноста оти овој процес е „од животно значење” за иднина на Косово.

– Одговорот на косовските лидери на дејствијата на Специјалниот суд ќе го одреди влијанието на Судот врз стабилноста на Косово. Лидерите треба да ја избегнат подбуцнувачката реторика во однос на Судот и да ѝ објаснат на јавноста дека овој процес е од животно значење за демократската и европската иднина на Косово, изјави амкериканскиот функционер.

Специјалниот суд во Хаг, познат во косовската јавност како „Суд за ОВК”, го водат меѓународни обвинители и судии.

Формалната работа оваа меѓународна правна институција ја започна овој понеделник, 14 јануари, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК, Рустем Мустафа – Реми, а денеска беше испитан и другиот командант, Сами Љуштаку.

Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, до сега имаат добиено петнаесетина поранешни команданти или други припадници на ОВК. Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.

Треба да знаете
Последни објави